Секогаш се менува, овој модел на Пежо. Во првата генерација од пред шеснаесет години, 3008 уште беше кросовер меѓу СУВ и ван, со кокпит како во авион, со проекциски дисплеј и со бензински мотори Принц, што беа резвиени заедно со БМВ. За да направи 3008 да се разликува уште повеќе од шемата, Пежо разви и изведба со хибриден погон, со втор електромотор назад – прв дизелски хибрид, во времето кога дизелот на Фрацузите беше закон на сцената.
Тоа наследство во 2016 година го презеде втората генерација, којашто направи целосно преоѓање кон СУВ. Со бројни стилски зафати во каросеријата, што правеа 3008 да личи како премиум модел, тоа што стави главно обележје на овој модел беше изборот од разновидни погонски единици: Бензин, дизел и приклучен хибрид во две изведби, вклучувајќи и престижна изведба со два електромотори и 300 КС.
Секако дека 3008 не е тинејџерски автомобил и Пежо со третата генерација цели кон групата купувачи што имале барем положено за возач во времето кога Французите првпат го продаваа моделот. Таа целна група била сведок на промените што ги донесе и што со текот на годините се случуваат со 3008. Тоа значи: Групата купувачи што се докажани професионалци во својата работа и сега очекуваат во новиот модел да видат најмалку исто толку промени, колку во првиот „008“.
Така и се случува. Стилот убедува со фини зафати што се извршени за да се укаже дека Пежо си го почитува овој модел како градител на имиџот и дека таков со гордост го нуди во продажба. Промените се коренити во внатрешноста, каде што главниот тон го има широкиот и заоблен дисплеј, што е одвоен од таблата. Посебно амбиентално осветлување ги нагласува масивноста и техно-духот на панорамскиот и-кокпит. Секако дека осветлувањето има и дополнителна функција, заедно со сосем новиот вид материјали во кабината, да направи престојот во 3008 да потсеќа на престој како во дневната соба дома или во некој лежерен ресторан.
Моделот од летово го продолжува успехот на 3008 на македонскиот пазар. Првите примероци што се пристигнати за испорака имаат хибриден погон, односно се благи хибриди. Неодамна на Аутомедиа беше објавено детално објаснување за намерите што ги има француската марка со своите благи хибриди – и начинот на делување.
Погонската спрега кај хибридниот модел ја сочинува познатиот 1,2-литарец со три цилиндри, којшто е преработен. Главната разлика е во тоа што контроверзниот пренос со ремен потопен во масло, сега е заменет со класичен ланец, со којшто се избегнува „обврската“ за возилото да се сервисира точно во предвидениот рок и со точно предвидената спецификација на масло. Проблемите што настануваа со 1.2 ПјурТек и коишто не се новина на сцената, главно и единствено беа предизвикани од тоа што возилата не се сервисираа навреме и што се користеше поевтино масло од пропишаното. Тоа е целата „фама“ околу овој мотор, којашто главно се создаваше по препродажба на возилото, кога вторите сопственици ја занемаруваа грижата околу моторот.
Трицилиндаецот со 136 КС е комбиниран со 6-степен менувач со двојна спојка, којшто содржи електромотор од 21 КС во куќиштето на менувачот. Во основа, тоа е мошне делотворна електрификација што носи и повеќе од доволна заштеда во гориво, а воедно и нуди комоција во градското секојдневие, со мекото и нечујно старување на моторот по секој „стоп-старт“.
Втората погонска изведба е со целосно електричен погон и ознака Е-3008. Таа е главната погонска единица во гамата и целата рекламна кампања се води околу таа верзија. Браншата се надева дека со промените што се случија во државното раководство е можно конечно да се испочитува фактот што светот веќе одамна го прифати електричниот погон.
Главната новина сепак е во платформата, 3008 е прв модел на Стелантис што е контруиран врз новата архитектура. Тоа е платформа СТЛА Медиум, што е мошне способна техничка основа, како во поглед на електрификацијата, така и во поглед на системите за асистенција, брзото полнење на батеријата, самата батериска техника и конективноста, односно користењето онлајн-услуги во возење.
Електричниот модел уште не е стартуван со продажба во Македонија, меѓутоа неговите перформанси ветуваат, барем за фановите на е-возењето: Моќност 157 кВ (210 КС), 345 њутнметри, спринт 8,8 секунди, крајна брзина 170 км/ч, батерија од 73 кВч и 30 минути полнење до 80% при користење брз почнач со 100 кВ. Пежо ветува досег од 524 км, односно 651 км при возење во град.
Во почетокот се нудат две нивоа на опременост, Алур и ГТ. Цените за македонскиот пазар уште не се објавени, но е извесно дека ќе бидат соопштени при официјалната премиера на посебно важниот модел на Пежо.
Се очекува Пежо 3008 наскоро да пристигне на тест возење во Аутомедиа.















