Сузуки Свифт го почнува новиот круг во градската класа

Во градската класа почна смената на моделските генерации. Новиот Свифт го почнува новиот бран промени, заедно со Мини и со Ланчиа Ипсилон. Повеќе јапонски во изгледот од кога било досега и преполн со системи за асистенција и безбедност што ЕУ ги бара кај секој нов модел по 1-ви јули, новиот Свифт треба само да продолжи со мисијата на претходничките.

Сузуки Свифт е најмодерниот традиционалист и најтрадиционалниот револуционер во едно. На умешноста на јапонскиот производител да го изведе овој спој на спротивности укажа одлично генерацијата што сега си заминува од салоните и му препушта палка на новиот модел. Кога генерацијата А-Зед се појави во 2017 година, како шесто колено на моделот, таа двоеше со благиот хибриден погон СХВС и со системите за асистенција.

Стартер-генераторот, којшто е душата на благиот хибриден погон, денес прерасна во стандард во класата. Системите за асистенција, од типот на радарски темпомат, што ја одржува брзината со колоната што вози напред, или систем за задржување во лента, што сам го следи патот, исто така се стандард. Во меѓувреме, ЕУ од 1-ви јули бара сите нови модели што ќе се продаваат на пазарот во Унијата, да поседуваат низа системи за асистенција, заради безбедност и заради комфор, како стандард. Кај Сузуки Свифт, тоа не е „нова музика“. Јапонците требаше само да додадат неколку системи што веќе ги имаа во претходничката.

Во салонот на Сузуки во Скопје веќе се изложени возилата од првиот контингент нарачки. Тоа што го навестија фотографиите и видеата, сега се потврдува и во живо. Свифт број 7 изгледа сосем различно од претходничките, и тоа секако дека е во добра насока. Нема дополнителни залажувања, тука целата претстава за погледот ја прават „традиционалните“ елементи: Големи светла, маска со црна сјајна завршница, изрез на хаубата како кај Астон Мартин, големо „С“ на хаубата, што со право е големо. Тоа е сé, нема отвори, спојлери, крилца.

Внатрешноста е сменета во насока на облагородување и осовременување на просторот. Дисплејот во средината е 9-инчен, арматурната табла е двобојна, автоматска клима е на списокот на опрема во повисоките нивоа. Најпријатното изненадување е просторноста на задната клупа. Покрај тоа што има неочекувано многу простор, впечаток остава правилното седење. Тоа се традиционалните вештини на Свифт, модел што со децении е дел од македонската улична слика и автомобил што важи дека е „лош за сервисирање“ (така е само за сервисните работилници), затоа што се менува единствено масло, филтри, плочки и свеќички, ова е издржливо парче автомобил.

Понудата од моделски изведби традицинално ја сочинуваат три нивоа на опременост. Појдовното ниво е ГЛ, со цена од 18.960 евра – и опрема на модел од средна класа: Радарски темпомат, камера за знаци, предупредување за возило во мртов агол, поврзување со телефон, пристап и стартување без клуч, клима уред, радио со дисплеј од 9 инчи, навигација, задна камера, 4 паркинг сензори назад, електрика на прозорци, автоматски светла – и уште пет шест дузини ставки што ги наведува Сузуки, уште во појдовното ниво.

Средното ниво е ГЛ Плус, што за 1.000 евра над појдовното ниво доаѓа дополнително со грејачи во предни седишта, темпомат што подржува и самостојно запирање и поаѓање – кога се вози во колона (за верзија со менувал ЦВТ), алу-тркала од 16 инчи, дополнително затемнети задни стакла, кожа на управувач.

Врвното ниво е ГЛ Икс, каде што за 21.690 евра се ужива во луксуз во градска класа, со автоматски клима уред, потширач за раце на задна клупа, трепкачи во ретровизопри, полирани тркала, собирање на ретровизори, канали за греење до задните седишта и други ставки.

Само еден мотор е во понуда, и тој пристап денес го користи целата бранша, како начин за да се постигне колку е можно подостапна цена на моделот. Широка понуда, во овие времиња значи само непотребно поскапување на сите моделски изведби. Затоа, Сузуки останува на 1,2-литарец со 82 КС, со благ хибриден погон и потрошувачка од 4,4 литри според норма.

Опција е безстепен менувач ЦВТ, односно менувач со постојано променлив преносен однос. Во комбинација со ниво ГЛ Плус, цената е 21.940 евра, односно 23.690 евра со ГЛ Икс. Уште една опција е погонот на сите тркала, со цена од 21.990 евра во средното и 23.890 евра во врвното ниво.

Две бои се нови во понудата, сина металик со бисерен ефект и светложолта металик. Со сината и црвената боја може да се избере црн покрив (700 евра), додека во комбинација со светложолта или бела каросерија, се нуди опција за сив покрив.

Моторот е нова конструкција – Зед 12 Е, претходно К 12 Д – со иста работна задатнина, со 3 место со 4 цилиндри, со 1 КС помалку во споредба со претходно, но затоа со 5 њутнметри екстра (112 Нм), како и со потрошувачка во град намалена за половина литар. Каросеријата е подолга за само два сантиметри, багажникот остана непроменет со 265 литри.

Наскоро Свифт пристига на тест во Аутомедиа.

Претходна објаваКина ќе држи една третина од светскиот автомобилски пазар во 2030 година
Следна објаваПежо 3008 не е само во нова генерација, туку е нов автомобил

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here