
Новиот извршен директор на Киа во Европа, Марк Хедрик, вели дека регионот ќе има клучна улога во целите на корејскиот производител со електричните автомобили.
Киа првпат назначува човек што ќе раководи со европскиот бизнис на марката, што не е Јужнокореец. Европските менаџери досега доспеваа највисоко до второто место во хиерархијата на Киа во Европа.
Киа ја турка својата продажба на електрични возила, со цел да постигне нивниот удел во продажбата на марката во 2030 година во светски рамки да изнесува 55 проценти. Марката најави 15 модели на електрични автомобили до 2027 година. Хедрик посочи дека европскиот пазар има „важна улога“ за Киа да ја достигне својата цел со електричните возила.
Хедрик ќе го преземе новото работно место на 1-ви јануари, во седиштето на марката во Франкфурт. Тој доаѓа на местото на Вон Јеонг Јеонг, кој раководеше со марката во Европа во претходните четири години. Киа не открива какви се натамошните планови на Јеонг.
Првиот европски шеф доаѓа на новото работно место од позицијата на извршен директор на Киа во Франција. Тој почна да работи во Киа во 2015 година, по долгогодишна успешна кариера во европската автомобилска индустрија. Хедрик во 1990 година се вработува во Форд во Франција, потоа преоѓа во концернот Фолксваген, па во европскиот огранок на Тојота, каде што работи на планирање на модели.
Продажбата на Киа во Европа во првите 11 месеци порасна за 5,6 проценти, на вкупно 538.045 возила. Пазарниот удел што ѝ припаѓа на корејската марка сепак се намали од пет проценти лани, на 4,6 проценти годинава.
Киа редовно продава во Европа повеќе возила од сестринската марка Хјундаи, којашто од јануари до ноември продаде 491.587 возила, што претставува разлика од десетина проценти.















