Проектот под кодната ознака X6S се покажа повеќе од успешен. Со овој проект, италијанската марка требаше да се врати на пазарот на лимузини од средната класа. Fiat има вредна традиција на јужноамериканските пазари, уште од времето на легендарните Fiat 1100, Fiat 1500 и Fiat 1600 (локална изведба на 125). По нив следеше и Siena.
За проектот да се реализира, фабриката на Stellantis во Кордоба доби инвестиција вредна преку 500 милиони долари. Со продукцијата во Аргентина требаше да се покрива целиот јужноамерикански пазар.
Новиот модел се развиваше со земање предвид на потребите и барањата на латиноамериканските возачи. Лимузината влезе во пробно производство кон завршетокот на 2017 година. Под моделското име Cronos, моделот во почетокот на 2018 година почна да излегува од редовно производство од фабриката во Фереира.
Пазарот посебно го цени моделот и поради тоа што потекнува од домашно производство. Во меѓувреме се надминати сите очекувања за продажбата. Fiat Cronos е воедно и национален модел со најголем удел на делови што доаѓаат од локалните добавувачи. Секој втор дел се испорачува од малите и средни компании во Аргентина.
Со одлична противвредност, Fiat Cronos ѝ донесе нов продажен рекорд на италијанската марка во Аргентина, по повеќе од 25 години
Во првата година, Fiat Cronos постигна 13.899 продажби во земјата, учествувајќи со 1,8 процент во вкупниот пазар. Во 2018 година, Cronos беше шести најпродаван модел во својата класа.
Во последните две години, лимузината двојно ја зголеми продажбата. Со добри цени и поволни услови за финансирање, Cronos кон завршетокот на 2020 година постигна учество од 5 проценти на пазарот и беше трет најпродаван модел на пазарот.
Една година подоцна, фабриката прославуваше 100.000 произведени примероци во Кордоба. Уделот во продажбата на домашниот пазар повторно се удвои и достигна 10,5 проценти.
Во февруари 2022 година, лимузината на Fiat постигна рекордни 15,2 проценти учество во вкупниот број продадени автомобили во земјата. Тоа е највисока продажба на модел на Fiat по 1993 година. Веќе во септември, следеше уште еден јубилеј, 250.000 произведени примероци од Cronos во фабриката во Фереира, Кордоба.
Поради големата побарувачка мораше да се преземаат промени во организацијата на производството, главно со цел да се воведе втора смена.
Во изминатите 31 месеци, без прекин, Fiat Cronos е најпродаван модел во Агентина. Само во земјата се регистрирани 124.000 продадени примероци од почетокот на производството. На моменти, лимузината учествуваше со дури 70 проценти во вкупната продажба на возила во сегментот.
Голем дел од продукцијата во Кордоба заминува за Бразил, каде што во 2022 година се извезени повеќе од 42.000 примероци од Cronos. Во споредба со преклани, продажбата се зголемила речиси двојно.
















