По TDI и GTI е време за Volkswagen ID.5 GTX

Растат броевите кај електричните модели ID на Volkswagen. Броењето во моментов има стигнато до пет. По електричниот пандан на Golf во форма на ID.3 и по електричниот пандан на Tiguan во форма на ID.4, следна новина во салонот на Порше Македонија е ID.5, купе изведба на четворката. Со 300 КС.

Така се менаџира електромобилноста. За светот вистински да разбере што точно се случува со преоѓањето од дизел и бензин на струја, но не само на струја, туку на зелена струја, мора да се погледне големата слика. Таа може да се види одлично во Порше Македонија. Електрични автомобили во салоните на марките Volkswagen и Audi (истото треба да се случи и во Skoda, Seat и Cupra), и секако на кумовската марка Porsche, но не само автомобили, туку и полначи. Најмоќните електрични полначи во државата, вредни половина милион евра, се пред салон. Станува збор за два полначи со капацитет 320 kW, три полначи од 22 kW и еден од 7,2 kW.

За сето тоа да има целосна смисла, на покривот на објектите се поставени соларни панели, со коишто се покрива речиси една половина од вкупната потрошувачка на енергија во целиот комплекс на Порше Македонија, односно 42% од вкупно 482,513 мегаватчасови. Сликата од горе покажува дека уште има простор на покривите, тоа веројатно ќе биде следната вест, има уште време до 2030 година.

Електрична мобилност рака под рака со одржливост. Така многу се менува сликата и друго е чувството кога се влегува во салон. Таму каде што претходно беше ID.3 во врвната изведба Pro, на осветлениот и посветлен пиедестал во салонот на Volkswagen, сега доаѓа третата електрична изведба, ID.5. Буквите GTX отстрана се голема приказна. Станува збор за досега најсилниот ID на Volkswagen, со 220 киловати, односно 299,2 КС, заокружено 300 КС.

GTX меѓу електричните модели на Volkswagen е точно тоа што GTI е меѓу бензинците

Во споредба со ID.4 во изведбата со 204 КС, што неделава извозе тест во Аутомедиа, ID.5 GTX дополнително располага со електромотор со 80 kW (109 КС) и вртежен момент од 162 Nm на предната оска. Тој се придружува на задниот електромотор со 150 kW (204 КС) и 310 Nm. Сé заедно дава 299 КС и 460 Nm. Погон на сите тркала – електричен, што значи без механичка врска меѓу двете оски – исто така се подразбира во оваа погонска конфигурација.

Спринтот е апсолутно неважен кај електричните автомобили од овој ранг, но за ориентација: 6,3 секунди до темпо сто кај ID.5 GTX наспроти 8,5 секунди кај ID.4 и крајна брзина од 180 km/h, за дваесет повеќе. Просечната потрошувачка со двата електромотори изнесува 17,1 kWh, додека на ID.4 му се доволни 16,5 kWh на секои сто километри.

Батеријата е иста, со нето капацитет од 77 kWh и вкупна тежина од 495 килограми. Поради незначително повисоката потрошувачка, ID.5 GTX минува 512 km со полна батерија, наспроти 531 km кај ID.4.

Доколку се користи полнач со 11 kW, батеријата се полни до 100% за 450 минути, односно на полнач со 170 kW постапката се скусува на само 30 минути до 80-процентна наполнетост

Во каросериска споредба, ID.5 GTX со 4.599 mm е за сантиметар и пол подолг од ID.4, но и 25 mm понизок (1,62 m). Меѓуоскиното растојание е исто (2,77 m), растојанието од 163 mm од подлогата исто така. Тежината е 2.243 kg со возач, носивоста 507 kg. Багажникот располага со 549 литри, односно 1.561 литар со соборена клупа.

Во убавата слика во Порше Македонија отсуствува единствено сликата со којашто треба да се надоврзе државната стратегија за развојот на автомобилизмот, а тоа не значи друго, освен развој на електромобилноста. Критиката секогаш останува истата: Додека во Србија и Хрватска, и уште еден чекор понатаму, во Романија и во Унгарија, постојат масивни субвенции за купување електричен автомобил, но и повластици во секојдневието, државата тука уште нема слушнато дека автомобилите почнале да возат на струја.

Место да учествува во продажната цена, со субвенција во висина од пет или можеби уште повеќе илјади евра, за на тој начин на граѓаните да им го олесни купувањето електричен автомобил, тука државата единствено се откажува од наплата на давачката што и без тоа е вишок, односно е акциза, данок на луксуз – тоа што е само преименувано во данок на возило. Нема бесплатно паркирање на поширока територија, нема поставено нови полначи, нема ослободување од патарина, поевтина регистрација и технички преглед, а не па ослободување од ДДВ.

ID.5 GTX чини 69.372 евра, додека „основниот“ модел со 174 КС чини 61.014 евра. За опременоста е беспредметно да се зборува кај електричните автомобили од овој ранг. Уште во изведбата ID.5 Pro доаѓа навигацијата со дисплеј од 12 инчи, пристап и старт без клуч, помош при паркирање, двозонска автоматска клима (со најделотворното затворање на дотокот при загаден воздух, по тестот на ID.4), греење на волан, алу-тркала од 19 инчи.

Електромобилноста не само што продолжува, туку уште малку и ќе стане излишно да се спомнува како поим. Како следен чекор во Volkswagen може да се очекува ID.Buzz во салон. Наскоро следи и објава на тестот на VW ID.4 Pro.

Претходна објаваИзбор на читатели на auto motor und sport: Ако не е германска, тогаш Alfa Romeo
Следна објаваToyota испрати спасувачки тим и помош во Турција

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here