Mercedes Citan е првата премиера во Мак Аутостар годинава

Лесното доставно возило на Mercedes-Benz и во новата генерација има близнак од Renault, но овојпат е многу поголема разликата. Германскиот производител учествуваше уште од старт во развојот на новиот Citan.

Од Мак Аутостар гласно го најавуваат новиот Mercedes-Benz Citan, но има и дополнителна причина за тоа. Најмалиот во триото со Vito и Sprinter е именуван за „Комбе на 2022 година“. Претставници од германскиот и францускиот производител присуствуваа на свеченото врачување на наградите, што се одржа во Лион, Франција, по јубилеен 30-ти пат.

Кај новата генерација на моделот е пристапено сосем различно отколку кај првиот Citan. Германците извршија неверојатно многу зафати во моторот, менувачот, подвозјето, вклучувајќи го и управувањето, за Renault Kangoo да го подигнат до стандардите на ван со знак на Mercedes. Тоа пак беше поисплатливо и побрзо решение, отколку самостојно да се развива модел во сегментот на Citan и Kangoo, каде што практично не постои модел што не носи знак и на некоја друга марка.

Mercedes-Benz мораше да најде партнер за да го покрие сегментот на доставни возила во класата на Citan, кадешто практично не постои модел што не се нуди и под друга марка

Тогаш го тестиравме Citan и во возењето се чувствуваа сите промени на коишто укажуваа техничарите на Mercedes, од отсуството на вибрации, до директната реакција на погонската спрега и реалното чувство на „волан“ на Mercedes, меѓутоа пазарот пак го гледаше Citan само како верзија на Renault Kangoo со сменета маска и сменет знак.

https://photos.app.goo.gl/4g1MB8XpUpUKnPUS8

Mercedes овојпат уште од старт можеше да ги примени своите стандарди и искуства во развојот на новиот Citan. Од тоа што е направено да биде добро за Citan и за Mercedes, сега профитира и Renault Kangoo.

Дизајнот, внатрешноста, дотерувањето на подвозјето и опременоста, Швабите ставија свој печат во сите овие подрачја. Според тоа, новиот Citan не само што е дораснат за значката што ја носи на маската, туку е доведен во многу подобра ситуација да им парира на Volkswagen Caddy, Peugeot Partner или Toyota ProAce.

Патничката изведба Mercedes-Benz Citan Tourer, наскоро ќе има модел и над неа, T-Class

https://photos.app.goo.gl/HssRYm7MeVvnpkCN7

https://photos.app.goo.gl/QuxmRnPDaBD85tR56

Со заоблената маска и со елегантните светла, новиот Mercedes Citan личи како спој меѓу Vito и B-Class. Отстрана и од назад повеќе се препознаваат контурите на францускиот модел. Дури и графиката на задните светла е иста кај двата модели од две марки. 

Со должина од 4,50 метри, Citan во почетокот е достапен како фургон и како Tourer. Меѓуоскиното растојание изнесува 2,72 метри. Во товарниот простор може да се пренесуваат предмети долги до 3,05 метри. Страничните лизгачки врати се опција, стандард е дводелна задна врата на товарниот простор. Задните врати се со различна ширина, товарниот раб е висок само 59 сантиметри.

Фургонот повеќе е насочен кон повисока носивост и во екстра изведбата може да носи до 782 килограми, во товарниот простор со зафатнина од 2,9 метри кубни. Приколка со сопирачки смее да тежи до 1,5 тон.

https://photos.app.goo.gl/seTPC8ya3bvHFPgY7

Изведбата Tourer има две странични врати и наменета е за транспорт на лица. Подоцна ќе следат изведби со продолжено меѓуоскино растојание, но се очекува и луксузна патничка изведба, што ќе се води како T-Class.

MBUX-системот е достапен и во Citan, исто како и многубројни системи за асистенција, и тоа не изненадува, затоа што подоцна ќе се понуди луксузен модел T-Class, но и чисто електрични изведби EQT и e-Citan

Мултифункцискиот волан со бројните копчиња и прекинувачи личи како во A-Class. Кокпитот на ванот на Mеrcedes е сосем различен од оној на Renault. Профилот на арматурната табла е дизајниран да потсеќа на крило. Секако дека во работното секојдневие е поважно тоа што кокпитот е функционален.

https://photos.app.goo.gl/ykUTeCpk9yVnNEse9

Во средишната конзола стандардно се вградува дисплеј од 7 инчи, а тоа што е гордост на моделот секако е можноста за вградување на фамозниот систем MBUX. Исто како што клучните зборови при ракувањето со функциите во A-Class, а по неа и во целата гама на Mercedes, се „Еј, Мерцедес“, така и Citan реагира интелигентно на говорните команди. Дел од инфо-забавниот систем се однесува и на пристапот до дигиталните услуги на Mercedes me connect. Двозонска автоматска клима, пристап и старт без клуч и електрична паркирна сопирачка исто се наоѓаат на списокот на дополнителна опрема.

https://photos.app.goo.gl/DVjDirAEfHH3eiSCA

За работното секојдневие да биде безбедно и релаксирано се грижат низа системи за асистенција, од кои дел се достапни како опција. Компензација на страничен ветер е стандард, исто како предупредување при замор на возачот или помош при поаѓање на нагорнина.

Основниот бензинец располага со 102 КС, а од него постои и варијанта со 131 КС. Моторот на Renault постигнува 200 Nm при 1.500 вртежи (240 Nm во посилната изведба) и на сцената е докажан со кулитивираната работа. Рачката на менувачот е поставена високо, што секако дека излегува во пресрет на работното секојдневие во овој вид возила. За посилните верзии на бензинските и дизел моторите може да се доплати за 7-степен менувач со двојна спојка.

Цените ќе бидат соопштени при официјалниот старт на продажбата на новиот Mercedes Citan во следната недела.

Технички податоци Mercedes-Benz Citan 110

  • Должина x Ширина x Висина (m): 4,50 x 1,86 x 1,83
  • Меѓуоскино растојание (m): 2,72
  • Погон: 4 цилиндри, бензин, 1.332 ccm, погон напред, 6-степен мануелен менувач
  • Моќност: 75 kW / 102 КС при 4500/min
  • Вртежен момент: 200 Nm при 1500/min
  • Највисока брзина: 168 km/h
  • 0 до 100 km/h: 14,3 s
  • Просечна потрошувачка: 7,2-6,5 L
  • Празно возило (EU)/ Носивост: min. 1381 kg / max. 782 kg
  • Зафатнина на товарен простор: 2900 L
  • Тежина на приколка: 1500 kg

Целата моделска понуда на Mercedes-Benz на македонскиот пазар, со технички податоци, опрема и цени за секој модел, можете да ја погледнете во нашиот онлајн-каталог https://avtosalon.mk/

>>> Mercedes EQT е возило за занаетчии, што нема да го возат занаетчии

MERCEDES EQT

https://youtu.be/RHW11QkU368

Претходна објаваLexus третпат во низа шампион во издржливост според What Car
Следна објаваАналитичари: Автомобилскиот пазар повторно ќе расте во 2022

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here