Audi do Brasil од средината на 2022 година повторно ќе произведува автомобили во својата фабрика во Сао Хозе дос Пињаис во сојузната држава Парана. Моделите што се избрани да се монтираат во Бразил се Audi Q3 и Audi Q3 Sportback, со дволитарски TFSI и со погон quattro.
Економијата во бразилската сојузна држаава Парана постигнуваше голем раст, пред да биде погодена од пандемијата. Таа во меѓувреме заздравува, а доказ за тоа е најавата за продолжување со производството во фабриката на Audi во Сао Хозе. Тоа е единствена фабрика на Audi во Јужна Америка.
Audi Q3 со мотор 2.0 TFSI во двете каросериски изведби ќе се произведува на истата линија, на којашто до 2019 година се произведуваше претходната генерација на компактниот СУВ.
Бразилскиот огранок на Audi воедно најави и отпочнување со електрификација, којашто ќе опфати поставување брзи полначи за електрични автомобили. Станици со полначи со моќност од 150 kW ќе се постават во речиси сите продажно-сервисни центри на Audi во Бразил. На овие полначи, батеријата на Audi e-tron може да се наполни до 80% за само 25 минути.
Продукцијата на Audi во Бразил започна во 1999 година, со производството на првата генерација на Audi A3, што се одвиваше до 2006 година. Во 2012 година, Audi реши да продолжи со производство во земјата, откако властите воведоа програма за финансиска подршка на технолошка иновација и јакнење на производството на мотори возила. Германскиот концерн тогаш вложи 150 милиони евра во Парана.
Продукцијата продолжи во 2015 година со A3 Limousine, единствен модел на Audi со мотор што користеше и алкохол како погонско гориво. Во 2016 година се придружи Q3, што се произведуваше до крајот на неговиот моделски век во 2019 година. Во следната година запре и производството на лимузинската изведба на А3.
















