Според деталните статистики за светскиот пазар, Tesla во периодот од јануари до април има продадено повеќе електрични автомобили од која било друга автомобилска марка.
Иако конкуренцијата се зголемува и притисокот расте, пионерот на електричните автомобили Tesla останува неприкосновен како најголем производител на автомобили на струја во светот. Дури и во конкуренција на модели, Tesla пак ја предводи трката.
Меѓу јануари и април, калифорнискиот специјалист продал 216.079 возила на светскиот пазар. Второто место меѓу најпродаваните електрични марки му припаѓа на кинескиот GM-Wuling, кој во истиот период продал 133.720 возила. Volkswagen веќе е на третото место, со 89.655 продадени чисто електрични и приклучни хибридни автомобили.
Во статистиката се опфатени и приклучните хибриди, односно хибридите со приклучок за полнење на батеријата. Во оваа категорија води BMW, со вкупно продадени 83.885 возила со приклучен хибриден погон, следи кинескиот BYD со 78.690 примероци, а одлично напредува и Mercedes со дури 72.139 возила. Не изненадува високото четврто место за Volvo со 63.375 примероци, за по него да следи кинескиот SAIC MG-Roewe (57.713), Audi (47.715) и Peugeot со 39.329 примероци.
Во најинтересната категорија, најпродаван модел со погон на струја, пак води Tesla
Најпопуларен електричен модел во првите четири месеци од годинава е Tesla Model 3 со вкупно 141.696 примероци. Втор е кинескиот Wuling Hongguang Mini EV, воедно и најдостапен електромобил во светот, со 125.925 примероци, за на третото место пак да следи модел на калифорниската марка, Tesla Model Y со 72.296 примероци. Само овие три модели држат 23 проценти од светскиот пазар на чисто електрични и приклучни хибридни автомобили.
















