Во октомври стартува сериското производство на Mercedes eActros, потоа следи изведбата за долги релации во 2024 година, за три години подоцна да започне производството на првиот сериски камион со погон на водород.
Во погоните во градот Вурт на реката Рајна во иднина ќе се вложува уште повеќе, со цел фабриката да прерасне во центар за електричен погон на камионскиот огранок на Mercedes. Секако дека и самото производство ќе биде од одржлив карактер, односно неутрално во однос на емисијата на СО2 и користењето енергија и ресурси од обновливи извори. Исто се вложува многу и во обука на персоналот, како и во дигитализација на фабриката.
Во следните неколку години, во фабриката покрај Рајна паралелно ќе се произведуваат камиони со обичен и со електричен погон. Ново поглавје за Mercedes Trucks и генерално за камионите започнува во октомври, со стартот на производството на електричниот eActros. Планот е во 2024 година да се стартува и со верзијата Long Haul на eActros, којашто ќе може да совладува многу подолги растојанија со едно полнење на батеријата. Потоа следи уште едно големо поглавје, откако во 2027 година ќе започне производство на првиот камион со погон на водород од сериско производство. Електричниот погон во меѓувреме ќе проработи и во камионите од типот eEconic.
Иднината на фабриката во Вурт беше потврдена денес, откако работничкиот совет доби одобрение од врвниот менаџмент на Daimler, за новите електрични модели да се произведуваат во овие погони
Со добивањето потврда од врвниот менаџмент, вработените во Вурт добија продолжување на договорите за работа до крајот на 2029 година. Daimler Truck AG поднесе и барање до германските власти, за поддршка на технологиите за водороден погон и за погон со горивни ќелии. На продолжување на фабричките договори се работи и во фабриките на Mercedes-Benz за производство на мотори и погонски технологии во Гагенау, Манхајм и Касел.
Околу 2.000 лица досега се обучени во Верт за работа на возила и компоненти со висок напон.
















