Големо име за португалските автобуси што не испуштаат ниту грам штетни материи. Тие ќе го носат амблемот на Toyota, што е сосем природно кога ќе се земе предвид дека целата погонска спрега на водород потекнува од јапонскиот концерн.
Автобусите со погон на батерија и со погон на водород што ги изработува португалската компанија CaetanoBus ќе возат под знакот на Toyota. Станува збор за кобрендирање, во чијшто рамки, градскиот електричен автобус e.City Gold и „водородниот“ автобус H2.City Gold ќе ги краси познатиот знак на јапонскиот производител.
Toyota уште од 2019 година ја испорачува техниката за погон на водород, којашто се состои од модули со горивни ќелии – во коишто се врши хемиската реакција и се создава електричен напон – потоа од резервоари за водород и клучни компоненти што потекнуваат директно од лимузината Toyota Mirai. Водородните автобуси на CaetanoBus со полни резервоари минуваат до 400 километри без ниту грам штетни материии. Тие возат речиси безшумно, а полнењето водород трае одвај десет минути.
Заедничката компанија Toyota Caetano Portugal (TCAP) на Toyota Motor Europe (TME) и Salvador Caetano, основана во минатиот декември, воедно е директен сопственик на акции во
CaetanoBus. Целта е да се забрза развојот и продажбата на автобуси што не испуштаат штетни материи. Компанијата веќе продава во неколку европски држави и бележи раст.
















