Во местото Гринхајде во близина на Берлин, кон крајот на годината се очекува да започне производството на автомобили Tesla. Но, изградбата на гига-фабриката во германската сојузна покраина Бранденбург ја следат проблеми. Внатрешна експертиза утврди можност за две опасни сценарија и оценува дека фабриката во оваа состојба не може да се пушти во работа.
Реномирана инженерска компанија доби налог од Tesla да провери колку фабриката во Берлин е подготвена во случај на незгода. Експертите утврдија две мошне опасни сценарија. Во првото сценарио, според постоечките планови е можно во халите да се создадат облаци гас, кои понатаму можат да експлодираат и да предизвикаат пожар. Во второто сценарио, постои опасност од создавање опасни гасови што може да ги оштетат дишните патишта на работниците и на жителите.
Проценителите заклучиле дека е голема веројатноста за двете сценарија да се случат и дека фабриката на Tesla не е подготвена за пуштање во работа. Опасноста се состои во тоа што може да истечат отровни материи и да создадат вир, што испарува брзо и создава облак од гас, кој е запалив и може да предизвика пожар. Експертите посочуваат дека станува збор за мошне отровен гас.
Опасната хемикалија во второто сценарио е тетрафлуорпропен, ко се чува во форма на течен гас под притисок. Во овој случај исто така може да се создаде вир, што понатаму се шири непречено во просторијата. При запалувањето на овој вир може да се ослободи флуорводород, кој е штетен за дишните патишта.

















