Од вкупно 940 дилери на Cadillac во САД, половината не се заинтересирани да го паркираат електричниот ELR во салоните. Моделот е прескап, исто како и обуката на персоналот.
Cadillac ELR е луксузно купе со техника преземена од електричниот автомобил Chevrolet Volt и со неверојатно висока цена. Секој што ќе посака да полага право на сопственост над новиот модел на престижната американска марка мора да плати 76.000 долари. За споредба, последната генерација на теренецот Escalade може да се купи за 70.570 долари, додека поголемото купе CTS-V, од претходното моделско годиште, со 556 КС и со малку поголема потрошувачка на гориво од него чини 64.900 долари. Дури и актуелната ѕвезда на сцената на електричните автомобили, Tesla Model S е поевтин со цената од 75.000 долари.
Од 940 дилери на Cadillac во САД, 410 не се заинтересирани да го имаат ELR во салон. Дилерот мора прво да го купи секое возило пред да го изложи во салон. Настрана од фактот што дилерот во тој случај се обврзува да постави полначи за струја и да набави специјален алат, мора да се обучи и персоналот за одржување и сервисирање, а тоа чини дополнителни 15.000 долари, односно околу 11.000 евра.
На дилерите во Калифорнија, Далас, Мајами и Њујорк нема да им претставува проблем да го продаваат електричниот Cadillac. Но, дилерите во подалечните подрачја може да продадат само неколку примероци од ELR на годишно ниво, поради што не им се исплатува инвестицијата во продажбата на моделот.
















