Morgan останува класичар, со турбо мотор од BMW и диодни светла

Morgan Plus Four
Morgan Plus Four

Малата и фина британска мануфактура Morgan уште ги произведува автомобилите како во 1930-те години. Современата техника сепак пристига и таму. Турбо моторот е од BMW, челичната шасија е заменета со алуминиумска.

Ново историско поглавје за една од малкуте мануфактури што изработуваат автомобили со дизајн од 1930-те и со тоа продолжуваат да ја одушевуваат сцената. Morgan го најавува новиот Plus Four, со алуминиумска шасија и со турбо-бензинец од BMW со 258 КС.

Новиот модел доаѓа на местото на Morgan Plus 4, автомобилот што Британците почнаа да го произведуваат во 1950 и во последните седум децении беше јадро на марката. Колку оваа компанија се држи до традицијата, доволно кажува тоа што единствената промена во името е замената на нумеричкото „4“ со зборот „Four“.

https://photos.app.goo.gl/yWEMcxykfcPjXxqY8

Единствениот изглед на родстерот не се смени, но поинаку е под каросеријата. Според Morgan, дури 97 проценти од деловите се нови. Челичната рамка е заменета со алуминиумска платформа, иста каква што пред кусо време доби и новиот Plus Six. Тежината е смалена, крутоста зголемена, возните својства профитираат најмногу. Меѓуоскиното растојание е исто со „шестцилиндарскиот“ Plus Six, но Plus Four е потесен за 8 сантиметри.

Мотор, волан, седиште, тркала, тоа е се’ што е потребно во еден автомобил. И возач што ќе ужива во возењето

Моторот е BMW, дволитарски турбо со 258 КС. Спринтот од место до темпо сто трае само 4,8 секунди, крајната брзина изнесува 240 km/h. Тоа се перформанси споредливи со 3,7-литарскиот V6 во Morgan Roadster, којшто наскоро заминува од понудата. Првпат се нуди избор на 8-степен автоматски менувач со рачки зад воланот. Емисијата на СО2 од 159 g/km за варијантата со шестстепен мануелен менувач е смалена за 30% во споредба со претходникот.

https://photos.app.goo.gl/4o2Bem6kR2zmr7vA6

Во кабината има повеќе простор, багажникот исто така е зголеме. Досега невидени ставки во опрeмата се централна брава, диодни предни и задни светла, АВЅ. Меѓу бројните нови опции се наоѓа и радио со блутут.

Како и досега, автомобилите се склопуваат строго рачно од избрани мајсторки и мајстори во фабриката во Малверн. Покрај алуминиум, се користат многу и јасеново дрво и кожа. Plus Four тежи 1.009 килограми. Тоа е воедно и главната одлика на овие автомобили, единственото чувство во возењето.

https://photos.app.goo.gl/d56gGAUbGZKGwPik6

Автомобилот што требаше да биде изложен на салонот во Женева веќе се наоѓаше на пат, кога организаторите го откажаа салонот, поради висурот корона. Традиција на Morgan е салонските автомобили да се возат до салоните. Место тоа, несудениот салонски автомобил се врати на островот и премиерата се одржа во седиштето на компанијата, во Малверн.

Цената во Велика Британија изнесува 63.995 фунти, односно околу 59.000 евра.

Претходна објаваPorsche 911 Turbo S е посилен два и пол пати од првиот Turbo
Следна објаваGoodyear разви гума што се обновува самостојно

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here