Tesla Model Y стартува со испорака веќе во март

Наспроти досегашната практика, кога пазарниот старт на секој модел на Tesla доцнеше зад најавите, во најчувствителниот момент за специјалистот за електрични автомобили се случува пресвртница. Model Y ќе започне со испорака неколку месеци пред планираниот старт.

Клиентите што го нарачале новиот модел од Tesla ќе го добијат својот автомобил многу порано од планираното. Калифорнискиот производител првично наведуваше дека испораките на Tesla Model Y ќе стартуваат дури во втората половина од годинава. Паралелно се одвиваше подготовката на производството. Очигледно дека сé минало мазно, затоа што испораките на СУВ-моделот врз платформата од  Model 3 ќе започнат веќе во март.

Во последниот допис до акционерите, од американската компанија известуваат дека започнало производството на нултата серија од Model Y. Уште во октомври лани, шефот Илон Маск објави дека подготовките за новиот модел се одвивале одлично во фабриката во Фремонт. Поради тоа, најавениот почеток на испораките се помести понапред, од есен, во лето 2020. Датумот сега се помести за уште три месеци. Првите примероци од Model Y во приватна сопственост ќе пристигнат веќе во март.

Објаснувањето за оваа „брзинска подготовка“ лежи во фактот што три четвртини од компонентите се идентични со Model 3. Тоа значително го забрза стартот на производството, затоа што сите потешкотии со коишто фабриката (односно веќе фабриките) се соочувала при стартот на Model 3, досега се надминати. Електричната лимузина од ранг на Mercedes C-Class надмина 100.000 произведени примероци за еден квартал.

Tesla има и други убави вести за идните сопственици на Model Y. Производителот уште пред еден месец објави дека СУВ-моделот од средната класа ќе поседува досег од 500 километри, за 56 километри повеќе од првичните најави.

Доколку се земе предвид одличната продажба на Model 3, сосем е реално да се очекува, дека Model Y, како автомобил во глобално популарниот СУВ-сегмент, дури и ќе ја надмине продажбата на лимузината.

Претходна објаваНалепниците на гумите ќе прикажуваат дополнителни информации
Следна објаваПочнува новата наградна игра на Макпетрол, „Верна секогаш со Вас“

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here