Skoda Kamiq е прв СУВ на чешката марка што ќе биде достапен во изведбата Scoutline. Популарниот модел доби неколку каросериски додатоци и диодни задни светла, премиерата е на салонот во Женева во март.
Skoda Kamiq прво се покажа во спортската изведба Monde Carlo, сега е ред малечкиот СУВ да ја покаже и својата „груба“ страна. Новата изведба Scoutline се препознава по мат црните арки на крилата, по впечатливите сребрени додатоци на каросеријата, по задните светла што во целост користат диодна техника, а секако и по големите бандажи од 17 или 18 инчи. Кросоверот со авантуристички дух ќе ја има својата светска премиера на салонот во Женева, во март.
Предниот спојлер е посебен за Scoutline и содржи стилски додаток налик на заштита на подвозје, во сребрена боја. Во истиот стил се изведени и дифузорот во задниот браник, страничните прагови, капите на ретровизорите и шините на покривот. Контраст со овие елементи што се лакирани во сребрена боја прават затемнетите задни стакла и хромираните рамки на прозорците. Стандардно се вградуваат бандажи од 17 инчи со дизајн Braga, а со доплата следи еден инч повеќе и дизајн Crater. Двете изведби се во боја на графит и полирани се.
Термо-флукс седишта и посебни украсни лајсни во внатрешноста
Нагласок во внатрешноста ставаат украсните лајсни, кои стандардно се налик на јасеново дрво, а со доплата лајсните може да бидат во потемна изведба и со „четкан“ финиш. На тоа се надоврзуваат отвори за воздух со изглед на хром и алуминумски додатоци врз педалите.
Предните седишта се обложени со посебно платно што се нарекува Термофлукс и се одликува со висока пропустливост, во комбинација со микрофибер. Воланот, рачката на менувачот и паркирната сопирачка се обложени со кожа. За диодното осветлување може да се избира бела, црвена или портокалова боја. Како опција се вградува и црн таван.
Новата изведба Scoutline може да се комбинира со целата понуда од мотори, којашто вклучува три бензинци, еден дизел и еден мотор што работи на метан, во дијапазпн од 90 до 150 КС.
https://photos.app.goo.gl/fbsTLTSqYv3TbHjp8
















