Илон Маск уште пред пет години имаше замисла да превезува луѓе во „цевки“, побрзо отколку со било кој друг вид на транспорт. Во меѓувреме, едно гратче во Франција се подготвува за тестирање на овој превоз на иднината
Гратче во Франција со одвај 400 жители е на најдобар пат во следната пролет да добие футурустички превоз со супервисока брзина, таканаречен „хајперлуп“. Канадска стартап-компанија веќе поднесе барање за градежна дозвола од властите во гратчето Дроа, коешто се наоѓа на околу 200 километри североисточно од Бордо. Локалните власти го подржуваат проектот и можно е системот за многу скоро време да започне со тестирање.
Превозот во вакуумски цевки е петтиот вид на превоз, покрај патниот, железничкиот, бродскиот и воздушниот
Визионерите го сметаат необичниот превозен систем како воз на иднината. Патниците ќе се превезуваат со брзини од преку илјада километри на час. Транспортните капсули, жаргонски „подови“, се движат со електромагнетски погон во затворен тунел. Високата брзина се постигнува поради тоа што во тунелот владее вакуум. На тој начин се надминува „сопирачкото“ влијание на воздухот.
Според творците на овој систем, суштинската предност е во тоа што луѓето и товарот може да се превезуваат со брзина на авион, но со возен ред како на метро. Покрај брзината и редовноста, предности се и пониската цена во спопредба со супербрза железница и поголемата подносливост за животната средина, во поглед на штетните емисии. Локалните власти сметаат дека проектот ќе биде од голема корист за целиот регион и силно се залагаат за негова реализација.
„Хајперлупот“ дефинитивно пристига како превоз на иднината, повеќе земји на сите континенти моментно го тестираат системот
Вообичаено, напредните идеи секогаш наидуваат на отпор. Жителите стравуваат дека тест-патеката во должина од три километри може да ја нагрдат природната средина и да предизвикаат голема бучава. Студијата за влијанието на иновативниот транспортен систем врз животната средина уште е во изработка.
Визионерот и мултимилијардер Илон Маск ја претстави идејата за „хајперлуп“ во 2013 година и предизвика интерес низ целиот свет. Во меѓувреме, неколку претпријатија работат на реализација на слични проекти. Во градот Купертино, кадешто се наоѓа седиштето на Apple и уште неколку гиганти од браншата, во „брзите цевки“ се гледа вистинско решение за превозот на вработените кои моментно патуваат стотици километри. Групацијата Virgin, којашто е во сопственост на милијардерот Ричард Бренсон, исто така веќе инвестира во оваа технологија.
За ориентација, ова се „само“ 603 km/h на јапонскиот Maglev
https://youtu.be/Loikwra9g14

















