Три илјади нови возила за половина година во Македонија

Македонците во првите шест месеци од годинава купиле 2.955 нови автомобили и доставни возила. Јуни е рекорден месец годинава, со 530 патнички автомобили. Најпродавана марка е Skoda

За шест месеци, на македонскиот автомобилски пазар се продале 2.564 нови патнички автомобили и 391 доставни возила. Јуни е најдобар месец досега, со 530 патнички возила и 65 доставни возила. Тоа се податоците што македонските увозници на автомобили ги доставиле до регионалните центри за следење на продажбата. Во оваа статистика вообичаено отсуствуваат продажбите на Hyundai, Mazda, BMW и Mercedes.

Во споредба со првото полугодие лани, продажбата на патнички автомобили е зголемена за околу 11 проценти. Доколку сегашната динамика се задржи до декември, можно е продажбата на нови патнички возила на македонскиот пазар годинава значително да го надмине ланскиот резултат, кога се продадоа вкупно 4.880 патнички автомобили. Тоа важи особено кога ќе се земе предвид дека годинава стартуваше со 310 автомобили во јануари, по што во секој нареден месец следеше значителен раст во продажбата, со 386 автомобили во февруари, потоа со 459 автомобили во март и 467 автомобили во мај. Единствен пад имаше во април, кога се продадоа 412 автомобили.

Пет марки држат близу половина од пазарот во јуни.

Топ 5 најпродавани марки


Патнички автомобили

Škoda: 75 возила
Kia: 45 возила
Peugeot: 44 возила
Toyota: 44 возила
Volkswagen: 44 возила

Кај доставните возила, во јуни води Fiat со 33, пред Volkswagen со 11 примероци. Во овој сегмент, во првиот летен месец се продадоа вкупно 65 возила.

Паралелно расте и увозот на користени автомобили. Во првото полугодие се увезени 13.355 возила, од кои 2.283 само во јуни. Во споредба со првите шест месеци лани, увозот пораснал за близу 34 проценти. Тоа значи дека на секои две увезени користени возила до јуни, годинава се увезува дополнително по уште едно користено возило во споредба со лани.

На секои две увезени користени возила, годинава се увезува дополнително по уште едно користено возило во споредба со лани

Трендот започна приближно пред една година, откако возилата со дизел мотор со лош квалитет на издувни гасови станаа неатрактивни на плацевите на германските дилери, поради најавените забрани за сообраќај во земјата од којашто пристигнуваше најголемиот број користени автомобили во Македонија. Тоа доведе до драстично намалување на нивната продажна цена, а нашите вешти трговци секако не ја пропуштија новата шанса.

Македонија уште не воведува „филтер“, односно построги ограничувања за увозот на стари дизели, иако возилата систематски се потиснуваат практично во цела ЕУ, токму со цел да се спречи енормното аерозагадување, коешто кај нас е секојдневие во зимските месеци. Јавноста во последно време станува свесна дека загадувањето се појавува и во текот на летото.

Претходна објаваСите марки на Fiat во Италија на 48-часовен мега-попуст
Следна објаваCar2go достигна 3,3 милиони корисници низ светот

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here