Datsun преку социјалните мрежи ги праша Русите, каков автомобил сакаат тие. Резултатот е автомобил што е наменет за активности во природа, а најчесто рибарење
Datsun е на добар пат да го создаде совршениот автомобил за Русите. Врз база на моделот Datsun Do, алијас Lada Granta, изработена е специјална верзија на Datsun mi-DO, како студија на автомобил за луѓе што сакаат активности во природа, а особено рибарење.
Преку овој проект, марката на Nissan за пазарите што се почувствителни на цените на „големите“ марки, покажува дека е посветена на предизвикот да понуди автомобил скроен точно според потребите. За таа цел се користат социјалните мрежи, за иновативен и експериментален пристап.
Близу една третина од анкетираните Руси патуваат со автомобил заради рибарење
Datsun mi-DO е резултат од анкетата што во почетокот на годинава беше спроведена на социјалните канали на марката. Анкетата покажа дека 58% од Русите патуваат со автомобил заради хоби, додека 27,2% наведоа дека го прават тоа заради рибарење.
Од испитаниците беше побарано да ја наведат опремата што ја посакуваат за долги патувања и за активен живот во природа. Соодветно на тоа, Datsun mi-DO доби неколку преправки на каросеријата и во кабината, за малечката, но изржлива комбилимузина да служи подобро при кампување и рибарење.
Нема потреба од задна клупа, таму е местото за шатор, секира, гумени чизми
Монтирани се поголеми бандажи, со што клиренсот се зголеми на 180 милиметри, а под моторот, менувачот и резервоарот се поставени алуминиумски плочи со дебелина од 4 милиметри, заради заштита. На покривот има дополнителни рефлектори, а каросерискиот лак е отпорен на гребаници и има уникатна „природна“ шара.
Вториот ред седишта е отстранет, заради добивање простор за сместување на шаторот, полските столици и маса, гумените чизми, лопатата, секирата. Секако дека има и кафемат, како и 20-литарски ладилник.
Во багажникот има дополнителни светла, за попрегледно пакување на опремата ноќе. Уникатот ќе се појави како салонски експонат и веројатно нема да доживее верзија за сериско производство. Datsun повеќе сака да го дознае духот на купувачите, за своите идни модели. Datsun Do е рестилизирана изведба на Lada Granta.

















