Шефот на Audi приведен: Замената за Штадлер пристига уште попладнево

Шефот на Audi е приведен утринава поради сомнение за измама. Одборот на Volkswagen попладнево ќе решава околу заменикот на Руперт Штадлер

Руперт Штадлер е првиот раководител што е приведен во рамките на дизел аферата во концернот Volkswagen. Државното обвинителство во Минхен утринава издаде налог за приведување на шефот на Audi. Надзорниот одбор на Volkswagen веќе заседаваше денес на пладне, заради советување околу новонастанатата ситуација и последиците од истата. Попладнево се очекува да биде избран и заменикот за Штадлер.

Шефовското место на Audi веројатно ќе го добие Петер Мартенс, главниот техничар за развој, кој претходно работеше во Volvo и поради тоа се смета дека не е вплеткан во дизел аферата. Неизвесно е дали Штадлер би се вратил на својата досегашна позиција. Правната постапка може да се развлече, како што се покажа во случајот на Волфганг Хац, поранешен шеф за развој во Porsche и главен инженер за моторите во Audi, кој е во притвор уште од септември.

Штадлер е шеф на Audi веќе единаесетта година. По откривањето на софтверот за лажирање на издувните гасови кај четирицилиндарските мотори на Volkswagen во САД во есента 2015, тој требало да пријави дека постојат манипулации и кај шестцилиндарските дизели на Audi.

Државното обвинителство го товари Штадлер заради измама. Шефот на Audi свесно ги одобрил дизелските автомобили со манипулиран издув да се продаваат на европскиот пазар. Штадлер требало веднаш по разоткривањето на скандалот во САД да биде свесен за можноста дека и европските возила имаат лажирани вредности на издувните гасови, но и покрај тоа не побарал запирање на продажбата, како што беше случај на американскиот пазар.

Во март 2017 и во февруари годинава имаше рации во седиштето на Audi во Инголштат и во фабриката во Некарсулм. Заради обезбедување доказен материјал, истражните органи во минатата недела издадоа налог за претрес во домот на Штадлер и на уште неименуван член на управниот одбор.

Audi продал околу 220.000 дизели со манипулиран софтвер на пазарите во Европа и САД од 2009 година наваму. Од крајот на 2015 година, компанијата ја напуштија двајца главни техничари во развојот и уште четири директори на Audi. Поради серијата измами со издувните гасови, Audi би требало досега да има исплатено отштета во висина од 2,25 милијарди евра.

Претходна објаваByton со втор концепт и најава за почеток на производство
Следна објаваАДАК го тестираше новиот Peugeot 508

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here