Во ерата кога автомобилизмот ги доживува најголемите промени во историјата веќе стануваат вообичаени забраните за старите дизели и бензинци. Неодамна и германскиот град Хамбург најави ограничување за сообраќајот, но тој е само еден од многуте европски градови што се грижат да обезбедат квалитетен воздух за своите граѓани
Хамбург е првиот град во Германија што воведува забрана за возила со дизел мотор чијашто издувна норма е послаба од Еуро 6. По 31-ви мај, на две оптоварени сообраќајници во градот ќе биде забрането да се пристапува со патнички и товарни возила што не ја исполнуваат најстрогата норма за квалитет на издувни гасови.
Слични забрани ќе следат и во Штутгарт, Минхен, Келн, односно во триесетина германски градови кадешто е измерено пречекорување на емисијата на азотни оксиди. Забраните за старите дизел и бензинци со слаб квалитет на издувни гасови се практика во повеќе држави и градови во Европа.
Во продолжение се неколку примери за забраните за стари дизели и бензинци во европските градови.
Велика Британија
За пристап во централното подрачје на Лондон со автомобили со бензински или дизел мотор, чијшто квалитет на издувни гасови е послаб од Еуро 4, од минатата година се плаќа посебна такса за загадување на воздухот во висина од 11,30 евра дневно. Тоа е дополнителна давачка, покрај таксата за метеж којашто важи во текот на денот.
Франција
Во градовите Лион, Гренобл, Тулуз, Лил и Стразбур, во деновите кога има пречекорување на дозволената концентрација на неразградливи честички во воздухот, се забранува сообраќајот за автомобили со дизел мотор со издувна норма Еуро 3 или послаба. Од 2020 година се планира целосна забрана за возила со дизел мотор во овие градови. Во Париз веќе е забрането во текот на денот да се возат автомобили со дизел мотор со издувна норма Еуро 2, односно бензинци според Еуро 1.
Белгија
Во Антверпен повеќе не смее да се возат автомобили со дизел според норма Еуро 3 или послаба. Од 2019 година, забраната за дизели ќе важи и во Брисел.
Холандија
Во Утрехт и Ротердам не смее да се возат дизели што се постари од 2001 година. Амстердам планира да воведе забрана за сообраќај во текот на годинава.
Италија
Од 2020 година на територијата на целата држава ќе биде забрането возење автомобили со норма Еуро 3 или послаба. Од 2024 година, забраната ќе почне да важи и за дизели според Еуро 5.
















