Во фабриката во Дрезден од којашто порано излегуваше луксузниот Phaeton, моментно се произведува Volkswagen e-Golf. Со воведувањето на втора смена, стаклената мануфактура отсега ќе ја напуштаат по 70 примероци од електричниот компакт.
Во таканаречената Стаклена Мануфактура, една од најпрестижните фабрики во светот, во иднина ќе се работи во две смени. Електричниот Golf, којшто го замени луксузниот Phaeton во фабриката во Дрезден, дневно ќе се произведува во 70, место во 35 примероци. Производителот реагира на зголемената пазарна побарувачка за e-Golf и од следниот март ја дуплира продукцијата на овој модел.
Volkswagen пролетоска ја освежи својата најпопуларна моделска серија, вклучувајќи и продолжување на досегот кај електричната верзија на Golf. Со зголемувањето на продукцијата, во Дрезден ќе се вратат и дел од вработените коишто претходно работеа во производството на Phaeton. Тие моментно се ангажирани во останатите фабрики на марката.
Volkswagen e-Golf моментно е шести најпродаван автомобил со електричен погон на европскиот пазар. Со 4.141 примерок, тој заостанува зад водечката тројка Renault Zoe, Nissan Leaf и BMW i3, којашто до септември има постигнато продажба од близу 40.000 примероци.
















