Пристигаат изненадувачки бројки од продажбата на Porsche Panamera. Повеќе од половината од продадените примероци во Европа возат со хибриден погон. За тоа придонесуваат и големите субвенции во повеќето држави. Купувачите во секој случај стекнуваат доверба во електромоторот под хаубата.
Помошта од електромотор во погонската спрега почнува да им се допаѓа и на возачите на спортските марки. Околу 60 проценти од продажбата на Porsche Panamera во Европа отпаѓаат на верзиите со плаг-ин хибриден погон. Уделот е уште поголем во некои земји: Во Франција се 70%, во Австрија над 80, а во Белгија дури 90 проценти. Продажбата на верзиите на спортската лимузина со две срца стартуваше во јули.
Нарачките што пристигаат од скандинавските земји укажуваат на експлозивен раст на интересот за „електрифицираната“ Panamera. Во Норвешка, 90% од новите нарачки се однесуваат на овие верзии, во Финска 85 проценти.
„Турбо-хибридната“ верзија е врв во гамата на Porsche Panamera
Топ изведбата Panamera Turbo S E-Hybrid вози со 4,0-литарски V8, кој во комбинација со електромоторот произведува системска моќност од 680 КС. Според Porsche, со полна батерија се минуваат до 50 километри. Во реални услови може да се очекуваат триесетина километри, со што се покрива дневната тура на повеќето возачи во Европа. Теоретски, лимузината може секој ден да се вози само на струја, доколку преку ноќ или во работното време останува приклучена на полнач. Постои и изведба S E-Hybrid, со помала моќност, но и пониска цена.
Наскоро пристига и сериската верзија на првиот чисто електричен модел на Porsche, Mission E. Тој ќе вози до 500 километри со полна батерија, спринтот до сто ќе трае покусо од 3,5 секунди. Со брзи полначи, батеријата ќе се освежи со енергија за само 15 минути, до 80% од капацитетот.
















