Меѓународниот совет за чист транспорт, меѓу другото заслужен за откривањето на дизел-скандалот во автомобилската бранша, издвојува 20 светски градови со најголем број електрични автомобили. Во сите овие градови постојат повластици за возилата со нулта или ниска емисија на штетни материи, на сметка на ограничувањето на сообраќајот за возила со слаби еколошки норми.
Погонот на струја добива сé поголем замав. Минатава пролет, бројот на електрични возила во светот надмина два милиони примероци. Напредокот во ерата на чистиот погон сепак е концентриран на само неколку пазари. Во 2015 година, само 14 метрополи покривале една третина од светската продажба на електрични возила.

Париз, Лондон, Осло и Пекинг воведуваат ограничувања за возилата што загадуваат најмногу, со цел да се подобри квалитетот на воздухот. Неколку градови веќе се впуштија во трка да прераснат во главни градови на електричниот погон: Осло, Лос Анџелес, Стокхолм, Пекинг, Лондон и Сан Франциско.
Цели за поттикнување на електромобилноста на градските власти
|
Град |
Цел |
|
Амстердам |
Нулта емисија на транспортот во градот до 2025 |
|
Лондон |
Продажба на 70.000 возила со ултра-ниска емисија до 2020, односно 250.000 до 2025 |
|
Лос Анџелес |
10% удел на електрични возила до 2025, односно 20% удел до 2035 |
|
Њујорк |
20% удел на електрични возила до 2025 |
|
Осло |
Нулта емисија на транспортот во градот до 2030 |
|
Шензен |
120.000 возила со ниска емисија до 2020 |
|
Тјанџин |
30.000 возила со ниска емисија до 2020 |
Дваесетте градови што Советот за чист транспорт ги издвојува како светски метрополи на електричниот погон задоволуваат еден од следните критериуми: Возен парк од вкупно 20.000 електрични возила, годишна продажба на 3.000 електрични возила и удел од 5% на лесните доставни возила во продажбата во 2016 година. Под електрични возила, покрај „батериските“ возила спаѓаат и плаг-ин, односно приклучните хибриди, коишто обично постигнуваат досег од 30 до 40 километри на струја во реални услови на возење.
Светски метрополи на електричниот погон: Пекинг, Ханжу, Чингдао, Шангај, Шензен, Тајџуан и Тјанџин (Кина); Париз (Франција); Токио (Јапонија); Амстердам, Ротердам-Хаг и Утрехт (Холандија); Осло и Берген (Норвешка); Стокхолм (Шведска); Лос Анџелес, Њујорк, Сан Франциско и Сан Хозе (САД); Лондон (В. Британија)
Светските метрополи на електричниот погон го имаат стекнато статусот преку воведување иновативни мерки и акции на локално ниво. На национално ниво исто така постојат регулативи со коишто се гарантира дека нечистите возила нема да учествуват во натамошното зголемување на возниот парк.
На главните пазари за електрични автомобили обично се нудат 20 до 30 модели на струја, наспроти останатите пазари кадешто понудата се сведува на само неколку модели
Советот за чист погон ги наведува најефикасните мерки коишто светските метрополи ги презедоа со цел да се поттикне продажбата и користењето на електричните возила.
Мерки за поддршка на електрични автомобили во модел-градовите
|
Мерка или програма |
Град-модел |
Детали |
Останати градови со слични акции |
|
Возен парк на градската администрација |
Лос Анџелес |
Половина од возниот парк да биде со погон на струја од 2017 година |
Осло, Амстердам, Сан Хозе, Њујорк, Сан Диего, Шензен, Тјанџин |
|
Електрични такси возила |
Пекинг |
Замена на 69000 такси возила со електрични возила преку владини субвенции |
Тајџуан, Лондон, Амстердам, Ханжу, Тјанџин, Шензен, Чингдао |
|
Возен парк од електрични возила за заедничко користење (car-sharing) |
Париз |
Програма Autolib со 4000 возила и 6000 полначи |
Шангај, Лос Анџелес, Амстердам, Лондон, Нахжу, Пекинг, Шензен, Тјанџин, Чингдао, Тајџуан |
|
Електрични градски автобуси |
Шензен |
Сите автобуси со нулта емисија од октомври 2017 |
Лос Анџелес, Лондон, шангај, Пекинг, Тјанџин, ханжу, Чингдао, Тајџуан |
|
Бесплатни полначи |
Осло |
Бесплатно полнење на батериите со обновлива енергија |
Стокхолм, Берген |
|
Стандарди за електрични возила во објекти и на паркиралишта |
Лондон |
1 на секои 5 паркинг места мора да поседува полнач |
Сан Франциско, Лос Анџелес, Њујорк, Шензен, Ханжу, Пекинг, Шангај, Чингдао |
|
Специјални сообраќајни ленти |
Сан Франциско |
Електричните возила може да ја користат лентата за јавен превоз и плаќаат пониска мостарина |
Лос Анџелес, Сан Хозе, Осло, Шензен, Берген, Сан Диего, Пекинг, Шангај, Тјанџин, Ханжу, Тајџуан |
|
Поевтина регистрација |
Шангај |
Електрични возила се ослободени од скапото наддавање за добивање регистерски таблици |
Пекинг, Шензен, Тјанџи, Ханжу |
|
Бесплатно паркирање |
Амстердам |
Електричните возила не плаќаат паркинг и имаат предимство при набавка на дозвола |
Шангај, Утрехт, Осло, Сан Хозе, Шензен, Тајџуан |
|
Локални субвенции |
Чингдао |
Дополнителна локална субенција од 5000 до 9000 долари за електрично возило |
Пекинг, Шангај, Хаг, Ханжу, Тјанџин, Шензен, Тајџуан |
Градовите точно ги имаат приспособено мерките според локалните услови. Во Норвешка, на пример, ослободувањето од плаќање такса за тунел или фериброд ги прави електричните возила привлечни за возачите, поради специфичната географија во земјата. Во Кина, возилата на струја можат да се користат и во деновите кога постои забрана за возила со обичен погон. Покрај тоа, купувачите не мораат скапо да ги плаќаат регистерските таблички, а дополнително имаат и предност при издавањето на табличките.
Чекањето дозвола за паркирање во Амстердам трае со години
Во Амстердам е голема предност приоритетот при издавање дозвола за паркирање, што за обични автомобили може да трае и неколку години. Возачите на електрични автомобили во Калифорнија можат слободно да ја користат лентата резервирана за јавен превоз, додека на останатите ленти владее метеж.
Градските власти во Скопје ги најавуваат првите воопшто промени што директно ќе влијаат врз намалување на сообраќајот и загадувањето, по еднодецениско „изживување“ врз животната средина. Возниот парк во изминативе десет години е целосно видоизменет, со двојно зголемен број на дизел возила со најслаба ефикасност во пречистување на издувните гасови, автопатишта низ град по се вози со темпо 100 место 50 и општо создавање одбивност кон јавниот градски превоз. Експертите уште молчат околу потеклото на енормното загадување, наведувајќи на загревањето на објектите. Наспроти тоа, вистинскиот „виновник“ останува здивеаниот возен парк и подигањето култ околу поседувањето „нова“ дваесетгодишна лимузина од луксузна марка
Субвенциите, односно државната помош при набавката на електрично возило, сепак најмногу го привлекуваат интересот на возачите. Во повеќето од 20-те светски метрооли на електричниот погон постојат дополнителни локални повластици, покрај оние на ниво на цела држава.
Вкупна висина на државни и локални субвенции во 20-те електро-метрополи
Еден од основните услови за електромобилноста претставува и бројот на полначи. Норвешка и Холандија располагаат со најгуста мрежа од јавно достапни полначи за електрични возила, иако најголемиот дел отпаѓа на обични станици на коишто полнењето трае неколку часови. Уделот на брзи полначи е многу поголем во Кина, кадешто достигнува и до 45 проценти, наспроти 1 до 2 проценти во Холандија.

Постојат големи разлики и во бројот на возила по полнач. Овој сооднос е најдобар во Утрехт, Ротердам, Амстердам и Париз, кадешто уличните полначи се користат цела ноќ.
















