Овој Reliant Robin може да стане најскапиот примерок од својата „сорта“, на наддавањето што ќе се случува во ноември. Жолтиот и најчесто извалкан тритркалец стекна светска слава во серијата „Сплетки“ со Дел Бој и Родни.
Најпопуларниот примерок од Reliant Robin ќе биде понуден на наддавањето што се одржува во средината на следниот месец во Бирмингем. Ѕвездата од легендарната серија на Би-би-си, жолтиот Reliant Robin од 1968 година, се вбројува меѓу најпрепознатливите и обожувани класичари на малиот екран. Тритркалецот ги превезуваше Дел Бој и Родни низ нивните авантури во урнебесната серија „Сплетки“.
Скромната автомобилска креација со ознаки „BWC 94F“ последен пат се појави во божикното издание „Да нé видеа сега“ во 2002 година, како и на ди-ви-ди изданието „Приказната за сплетките“.
Reliant Robin на Дел Бој се вбројува меѓу највпечатливите автомобили во историјата на комедиите на Би-би-си. Сосем е извесно дека трициклот ќе го привлече вниманието на широката публика на наддавањето. Тоа не значи друго освен – спектакуларна цена.
Најславниот примерок на Reliant Robin доаѓа со ексклузивна дополнителна опрема
Автомобилот создаден со едно тркало помалку и денес се наоѓа во истата состојба како во серијата, со плиш со тигреста шара на седиштата и со налепниците „Trotters Independent Trading Co“. Опремата вклучува лист со натпис „се враќам веднаш“ на ветробранот, багажник на покривот и куфер, чифт крзени коцки и неколку кукли на надувување.
На моторот е извршен ремонт, заменет е менувачот, вграден е ди-ви-ди и касетофон, па дури и машина којашто го создава чадот од издувната цевка. За идните сопственици има уште важно историско поглавје и доказ за издржливоста на возилото. Robin учествуваше на релито од Лондон до Брајтон во 2001 и 2004 година.
Со изминати 71.778 милји (околу 115.000 километри), ванот со три тркала доаѓа со оригиналниот прирачник, важечка регистрација и потврда за автентичност.


















