McLaren го потврдува наследникот на P1 за 2018, веќе е распродаден

McLaren P15 najava

Најспортската марка од островот ќе го претстави наследникот на McLaren P1 во почетокот од следната година. Развиван под интерна ознака P15, хиперавтомобилот ќе смее да се вози и во редовен сообраќај, но сé е подредено за тркачка патека.

McLaren, името што веднаш асоцира на формула 1 и на сопствениот F1, денес потврди и официјално дека следниот автомобил што ќе произлезе од бизнис планот „Track 22“ ќе биде модел од таканаречената ултимативна серија. Освен слика со трикратниот издув, детали и бројки за перформансите уште не се објавуваат, но на оваа куќа може да ѝ се верува кога го најавува најекстремниот „патнички“ McLaren, кој во основата не е ништо друго освен тркачка машина.

McLaren P15 е екстремниот тркач, BP23 е екстремниот гран-туризмо со три седишта

Конечната верзија на McLaren P15 ќе се појави пред јавноста во првото тромесечје од следната година, веројатно на салонот во Женева во почетокот на март. Откако ќе стартува испораката на идниот P15 во текот на следното лето, Вокинг ќе го претстави и вториот модел од ултимативната серија. Развиван под интерната ознака BP23, Британците го најавуваат овој модел како прв хипер-гран-туризмо во светот.

За разлика од BP23, кој ќе поседува хибриден погон по пример на P1 и ќе го исполнува минималното потребно ниво на комфор за да се води како гран-туризмо, P15 ќе биде тркачки екстремист – без хибриден погон, заради постигнување минимална можна тежина и максимални возни својства. Како погонска единица ќе се користи постоечкиот четирилитарски V8 од McLaren 720S, но уште понавиен.

McLaren P15 практично е наследник на P1 GTR, кој беше наменет исклучиво за тркачка патека, но сопствениците масовно се решаваа да го „вратат“ возилото во патничко, откако McLaren понуди кит за преправка. Затоа, P15 уште од старт ќе смее да носи регистерска табличка

Двата модела од следната генерација на ултимативната серија ќе се изработат во ограничена серија – и не е изненадување – обата се веќе распродадени. Планиран во најмногу 500 примероци по цена од близу милион евра, P15 ќе биде ултимативен тркачки автомобил, но приспособен за хомологација како патнички автомобил. Тоа во случајов не значи друго, освен комплетна светлосна сигнализација и неколку безбедносни ставки плус. Сé останато е тркачки автомобил.

Не постои автомобил на McLaren без карбонска школка, вклучувајќи ги формула 1 болидот McLaren MP4/1 од 1981 година или F1 од 1993 година

Применливоста на P15 во секојдневието ќе биде ограничена, затоа што првенствена цел на автомобилот е да се понуди најинтензивно возачко искуство на тркачка патека. Со други зборови, автомобилот ќе носи регистерска табличка само да се довезе до тркачкиот асфалт. Од McLaren најавуваат и брутален дизајн, со форми што служат првенствено на функцијата, како што воедно гласи и мотото на компанијата. Радикални чекори се очекуваат во аеродинамиката на тркачкиот болид.

Повеќе детали од Вокинг ќе следат пред завршетокот на годинава, кога конечната верзија на P15 ќе има ексклузивна премиера пред идните сопственици.

Претходна објаваДесет акумулатори на тест, еден не заслужи препорака
Следна објаваРаботењето во Tesla далеку од холивудски филм

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here