Одделението за тјунирање и мотоспорт на Volvo прераснува во специјалист за спортски автомобили со електричен погон. Купето Polestar 1 доживеа премиера денес, погонот испорачува 600 КС, радикално е сменет начинот на поседување на возилото.
Polestar е новата подмарка на Volvo, којашто ќе биде специјализирана за електричен погон и според производителот ќе постави нови мерила меѓу спортските возила. Три електрични модели се планирани во гамата, производството ќе се одвива во нова фабрика во Кина. Првиот модел симболично го носи името Polestar 1, располага со 600 КС, производството би стартувало во средината на 2019 година.
Досегашниот фабрички тјунер ќе ги користи постоечките ресурси на Volvo во конструирањето, развојот и подготовката за производство на своите модели. Плагин-хибридниот погон веќе е солидно застапен во моделската понуда на Швеѓаните и стекнатите искуства ќе бидат применети и во идните чисто електрични модели на Polestar. Помош доаѓа и од сопственикот Geely, кој веќе масовно произведува електрични автомобили во Кина.
Спортското купе „1“ го презеде стилот од студиското купе на Volvo од 2013 година, кое уште тогаш го привлече вниманието со елеганцијата и препознатливата скандинавска нота во дизајнот. Несомнено, изгледот е тоа што (дополнително) ќе ги двои идните модели на Polestar.
600 КС и вртежен момент од точно 1.000 њутнметри
Електричниот погон на четириседот во престижен гран-туризмо стил и не е толку електричен. Поточно, првенчето на Polestar е хибрид, со мотор кој служи како генератор за полнење на батериите. Без помошта од бензинецот, купето минува 150 километри со енергијата во батериите – што е трипати повеќе од вообичаената вредност на постоечките автомобили, но сé уште не е електричен погон.
Со примената на карбон за каросеријата се заштедуваат околу 250 килограми, исто колку што дополнително тежат батериите – на крајот нема вишок тежина
‘Рбетот на возилото е постоечката платформа SPA од серијата 90 на Volvo, со тоа што инженерите на Polestar преработиле или смениле 50 проценти од компонентите. Прв во светот, Polestar 1 ќе го поседува новото активно подвозје CESi, развиено од специјалистот Öhlins. Во комбинација со примена на карбон за каросеријата и со „вроденото“ ниско тежиште на електричните автомобили, од шведското гран-туризмо може да се очекуваат спектакуларни возни својства.
Линијата на Polestar 1 го следи легендарното купе Volvo P1800 од 1960-те, коешто се прослави во серијата „Светецот“, а заедно со него и Роцер Мур, подоцнежниот агент 007
Уште една спортска вештина на „1“ се двата електромотора на задната оска, кои работат независно и до секое тркало испорачуваат точно толку њутнметри колку што е потребно, заради постигнување поголема динамика во свијоци. Polestar ќе произведува во Ченгду, Кина, изградбата на новата фабрика се очекува да заврши во средината на 2018 година.
Volvo ќе наплаќа месечна претплата за електричните модели на Polestar, исто како за мобилен телефон
Polestar 1 сигурно нема да биде само уште еден здодевен електричен автомобил на пазарот, туку ќе внесе иновација и во поседувањето. Спортските електрични автомобили на Швеѓаните нема да се продаваат, туку ќе се нудат со месечна претплата, на договорен период од две или три години – по пример на мобилната телефонија. Класичен продажен салон исто така нема да постои, туку ќе се нарачува и конфигурира преку интернет. Во месечната претплата се вклучени и преземање и испорака на возилото до адресата на корисникот, а се нуди и можност за изнајмување на останатите возила од гамата на Volvo и Polestar.
Кон крајот на 2019 година ќе следи и вториот модел, „двојката“. Таа веќе ќе биде чисто електричен автомобил, прв „батериски“ автомобил од групацијата Vоlvo. Спортската лимузина од средната класа ќе конкурира на Tesla Model 3, што подразбира дека и цената ќе биде во споредливи рамки. Првата фаза ќе биде комплетирана со теренец со електричен погон, Polestar 3, позициониран веројатно покрај актуелниот Volvo XC60.
Салон на спортската електро-марка ќе биде мобилниот телефон. За купувачите што повеќе веруваат на директниот контакт ќе бидат отворени и Polestar Spaces, одвоени од постоечката продажна мрежа на Volvo. Нарачките стартуваат веќе денес.





















