Класичниот мотор на тризабецот на Maserati: Електромотор задолжителен по 2019

Maserati Gran Cabrio Sport GT

Италијанско-американскиот Fiat Chrysler не гледа спас за дизелот по сите скандали и забрани. Почнува реорганизација во концернот, радикални промени престојат за Maserati. Спортската марка станува предводник на електричниот погон.

Моделите на спортската марка од Болоња, којашто ја препознававме најмногу по силните купеа пропратени со длабок осумцилиндарски бас, од 2019 година ќе звучат поинаку и ќе се возат поинаку. Maserati станува марка специјализирана за електричен погон во италијанско-американскиот концерн Fiat-Chrysler.

Марките од концернот досега пропуштаа да се вмешаат во вревата околу електромобилноста. Главната заслуга за тоа е кај шефот Маркијоне. Тој ги преориентира сите марки во концернот на чиста рентабилност. Со електричните автомобили се привлекува вниманието на јавноста и се стекнуваат симпатии кај еколозите, но со нив не се заработува многу.

Електричниот погон не носи голем профит, но мора да се вложува и во иднината

Но, новите времиња наметнуваат поразлични ставови. Концернот веќе го нуди плагин-хибридниот модел Chrysler Pacifica, како и електрична изведба на Fiat 500. Следат уште многубројни марки и модели во коишто електромотор ќе работи во погонската спрега.

При претставувањето на финансиските резултати од работата во второто тромесечје, Маркијоне најави дека планира до 2022 година половината од моделската понуда на концернот Fiat Chrysler да ја преориентира на електричен погон. Покрај модели со чисто „батериски“ погон, тука спаѓаат и плагин-хибридните модели.

Идното купе Alfieri ќе биде прв модел на Maserati со електромотор во погонската спрега

Најважниот момент во излагањето на шефот се однесува на традиционалната спортска марка Maserati. За две години отсега, сите нови модели на Maserati ќе добијат електричен погон. Со тоа, луксузната марка што вози под тризабецот на Нептун прераснува во предводник на новата електро-стратегија на Fiat Chrysler.

https://photos.app.goo.gl/KfQ7qVawewuWwEzp2

Според Маркијоне, новата стратешка определба на концернот произлегува директно од дизел-скандалот и од неговите последици врз европскиот пазар. Тука спаѓаат и најави за забрани за возилата со дизел мотор во повеќе европски земји. Очигледно е дека шефот повеќе не гледа надежи во иднината на дизелот и го „забрзува“ концернот кон погонот на струја.

Претходна објаваХакери повторно го нападнаа Nissan Leaf: Чипот од iPhone е виновен
Следна објаваJaguar XJ220 го „освои“ Силверстоун за 25-годишнината

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here