Останува уште една година за актуелната комбилимузинска изведба на Honda Civic. Јапонците ќе го најават новиот модел преку прототипот на салонот во Женева.
Скорешното пристигање на суперспортскиот NSX, екскплозивниот набој на Civic Type-R и плановите за враќање на родстерот S2000 во понудата не можеа да произведат ништо друго освен динамика и агресивност во изгледот на следната генерација на компактот Civic, како крајна потврда дека брзините и моќта се вратија на списокот на работни задачи на Јапонците. Останува уште една година додека актуелната комбилимузина се замени со комплетно новата генерација на Civic. Honda денес го објави тизерот од прототипот со когошто го најавува идниот Civic, чие што премиерно појавување ќе се случи во следниот месец на салонот во Женева.

Карактеристичниот заден спојлер интегриран во стаклото станува уште подоминантен со светлата што се надоврзуваат на него и со впечатливата форма постигнуваат визуелно проширување и нагласување на испакнатите страници на каросеријата. Светлечките диоди што формираат двојна линија во заедните светла веќе се подразбираат, а не може да се превиди дека и логото на марката е димензионирано со голема гордост. Задниот браник завршува со дифузор и двојна издувна цевка во средината. Аеродинамиката е вештина што инженерите на Honda ја имаат совладано веќе одамна преку мотоспортот и во голема мера му помага на актуелниот Type-R, а очигледно дека и десеттата генерација на Civic ќе се служи со слични трикови. На завршетокот на покривот се забележуваат мини-спојлери кои се грижат за правилно спроведување на воздушните струи зад возилото.
Комбилимузината ќе се произведува во фабриката на Honda во Британија, од каде што ќе се извезува на глобалниот пазар, вклучувајќи ги и САД, каде што веќе е во продажба лимузинската изведба од десеттата генерација на Civic. За моторите и техниката уште не се откриваат детали.
Заедно со прототипот на Civic, на салонот ќе доживее европска премиера серискиот автомобил со погон на водород Clarity Fuel Cell, ќе бие присутен и суперспортскиот NSX, како и концептен автомобил на база на Jazz.
















