Спортската управливост и динамиката во свијоци имаа висок приоритет при развојот на новиот Jaguar XE, со цел моделот од средната класа да постави нови мерила и да се издвои од конкуренцијата, особено серијата 3 на BMW.
Деновиве почнуваат тестирањата на новиот модел на Jaguar од средната класа за светските медиуми и првите реакции од специјализираните автомобилски новинари се крајно позитивни околу возните својства на XE. Токму динамиката во возењето и спортската управливост беа меѓу главните развојни цели за новата генерација на конкурентот на серијата 3 на BMW и класата C на Mercedes. Британците тврдат дека XE е најдобриот „возачки автомобил“ во класата, а тоа се потврдува и со првите објави по тестирањата во медиумите.
75 проценти од каросеријата се изработени од алуминиум
Овие својства и одличните критики не произлегуваат случајно. Три четвртини од каросеријата на Jaguar XE се изработени од алуминиум, благодарение на што каросеријата на лимузината тежи само 251 килограм. Освен во возните својства и во комфорот во возењето, ниската тежина се рефлектира и во потрошувачката на гориво. Во комбинација со новата генерација мотори на Jaguar Land Rover, „дивата мачка“ поставува стандарди во средната класа и во поглед на ефикасноста, со помалку од четири литри дизел во најштедливата верзија на XE со дволитарски дизел.
Пазарните стратези на Jaguar очекуваат околу 90 проценти од купувачите да бидат новодојденци, односно XE да им биде прв автомобил од марката. Аналитичарите предвидуваат годишната продажба да достигне меѓу 60.000 и 80.000 примероци, со што двојно ќе се зголеми продукцијата на благородната марка со богата традиција. Наскоро се очекува да стартува и новото застапништво на Jaguar Land Rover на нашиот пазар. Основниот модел на Jaguar XE чини 36.500 евра на германскиот пазар.
















