Легендарниот Porsche 959 слави 30-годишнина

На саемот за олдтајмери во германскиот град Есен ќе биде одбележан јубилејот на првиот суперавтомобил од новата ера, Porsche 959. Пред три децении, тој беше најбрз сериски автомобил во светот.

Саемот за олдтајмери „Техно Класика“ во германскиот град Есен има уште една причина да биде посетен од љубителите на марката Porsche. На саемот што се одржува од 15-ти до 19-ти април, Porsche ќе одбележи три децении од легендарниот 959, најбрзиот сериски автомобил во тоа време. Германците го изработија овој автомобил буквално „од бес“, користејќи ја сета постоечка и уште непостоечка технологија во браншата. Ефектот беше освојување на секакви можни релија и победување на сите кружни патеки во периодот од 1985 година.

Цената на основниот модел во 1987 година изнесуваше 420.000 евра. Купувачите се обврзуваа да не го препродаваат моделот во првите шест месеци, заради избегнување  на екстремни цени на пазарот
Цената на основниот модел во 1987 година изнесуваше 420.000 евра. Купувачите се обврзуваа да не го препродаваат моделот во првите шест месеци, заради избегнување на екстремни цени на пазарот

Специјализираното одделение Porsche Classic на саемот ќе прикаже примерок од оваа ексклузивна серија со уште поексклузивна опрема. Станува збор за нарачка од еден арапски принц. Покрај овој уникатен „959“ ќе се најде и 356 B Carrera 2 Cabriolet, реставриран од специјалистите на Porsche Classic. Како модел од сегашноста, на претстојната 27-ма Техно Класика ќе биде прикажан и Porsche 911 Turbo S со опрема којашто е достапна само со специјална нарачка од Porsche Exclusive. Настапот на марката од швабскиот Цуфенхаузен ќе биде заокружен со претставувањето на навигациски уред со класичен изглед, наменет за вградување во олдтајмери, како и со изложување на дел од програмата на оригинални резервни делови којашто опфаќа дури 52.000 позиции.

959 победи на најтешкото издание на Париз-Дакар во 1986 година

Porsche 959 дебитираше во 1985 година како технолошки врв и најбрз сериски автомобил во светот. Култниот модел се произведе во само 292 примероци, главно поради хомологациските норми за учество во мотоспортот. Верзијата подготвена за рели постигна спектакуларна победа на Париз-Дакар во 1986 година. Еден арапски принц тогаш нарача седум примероци од суперексклузивниот модел, секое со различна и впечатлива боја на каросеријата и со соодветен ентериер. Примерокот што ќе биде изложен во Есен се одликува со перфектно изработен ентериер, со благородна кожа до последниот агол и рачно изработени панели од дрво, како и со семеен грб вграден во воланот, рачката на менувачот и бандажите. Секако дека и позлатените издувни цевки спаѓаат во ексклузивниот третман. Porsche Classic покрај него ќе ги изложи 918 Spyder и Carrera GT, донесени директно од музејот на марката, како доказ пред публиката

Победа на најтешкото издание на релито Париз-Дакар во 1986 година
Победа на најтешкото издание на релито Париз-Дакар во 1986 година

дека обврската за конструирање врвни спортски автомобили се одржува беспрекорно.

Само еднаш: 356 B Carrera 2 Cabriolet со лизгачки покрив и хардтоп

Уште поредок модел е отворениот 356 B Carrera 2 од 1962 година, со дволитарски мотор со 130 КС. Со забрзување од 9,4 секунди до сто, тој беше еден од најбрзите спортски автомобили на времето. Од вкупно 34 произведени примероци од моделот, единствено примерокот за Есен поседува електрично задвижуван лизгачки покрив во хардтопот.

Сите технички детали на Porsche 959 (1985)

Каросерија Со примена на техника од аеронаутиката, покривот, крилата и задниот дел се изработени од пластика зајакната со арамидни влакна, предниот браник е од полиуретан, а предната хауба и вратите се од алуминиум

Мотор и менувач Шестцилиндарски мотор, боксер, воздушно ладење (само главите се ладени со вода), алу-легура, работна зафатнина 2,85 литри, моќност 450 КС при 6.500/min и вртежен момент од 500 Nm при 5.000/min. Porsche 959 е прв сериски автомобил со регистерско натполнење со два паралелни турбополначи KKK со водено ладење и интеркулери – ова е прв бензинец со таква комбинација од техника. Моторот има по две брегасти вратила, со по четири вентили по цилиндар. Издувните вентили се полнети со натриум заради подобро одведување на топлината.
Моторот со капацитет за масло од 18 литри го има подмачкувањето со сув картер од „911“. Палењето и впрскувањето гориво се од генерацијата Motronic на Bosch. Преносот на сила е преку едноламелна хидраулична спојка и шестстепен мануелен менувач.

porsche 959 30god620150404

Погон на сите тркала Основа е погонот од 911 4х4, со класичен диференцијал за задните тркала, додека предниот диференцијал е споен со менувачот преку погонското вратило. При пролизгување, фрикциските површини на ламеластата спојка подмачкувана со масло се притискаат една кон друга и на тој начин приспособениот вртежен момент ја изедначува брзината на вртење на тркалата. Системот користи сензори за следење на бројот на вртежи на тркалата, пролизгувањето, бројот на вртежи на моторот и аголот на воланот. Погонот се приспособува автоматски според условите.

Подвозје и тркала Независна суспензија со двојни триаголни водилки и навојни пружини напред и назад, по два варијабилни телескопски амортизери Bilstein за секое тркало, автоматско местење на висината според брзината. Можност за дотерување на тврдоста на амортизерите. Сопирачките клешти се четириклипни, предните дискови имаат пречник 322 mm, а задните 304 mm. Системот АВЅ е развиен во соработка со Wabco. Гуми со димензија 235/45VR17 напред и 255/40VR17 назад. Бандажите се од магнезиумска легура, со ширина од 8 инчи напред и 9 инчи назад, со шупливи краци и со тоа овозможена контрола на притисокот во гумите. Овој систем првпат се користеше кај Porsche 936 на Леман во 1980 година. Гуми Bridgestone RE 71.

Тежина Тежината на празо возило изнесува 1.450 килограми, односно 1.350 килограми во лесната верзија. Главната критика беше високата тежина. Во споредба со главниот ривал Ferrari F40, моделот на Германците беше околу 300 килограми потежок, што се рефлектираше и во возните својства.

Перформанси

0-100 km/h 3,7 s

0-200 km/h 13,7 s

Крајна брзина 317 km/h

Цена во 1987 година: 420.000 германски марки

Претходна објаваВидео: Најлошиот возач на Porsche на сите времиња
Следна објаваПродадени 15.000 примероци од електричниот двосед на Renault

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here