Целта на Волво е роботите да влезат во редовно производство од средината на 2027 година, соопшти компанијата на 26 ноември.
Со овој потег, шведската марка им се придружува на БМВ, Мерцедес-Бенц, Рено, Тојота, Хонда, Хјундаи и Тесла во трката по технологија за која аналитичарите на „Морган Стенли Рисрч“ проценуваат дека до 2050 година може да создаде глобален пазар вреден 5 билиони долари, со над милијарда хуманоидни роботи во употреба.
Сепак, хуманоидите сè уште не можат да се мерат со луѓето во брзина, умешност и издржливост, што отвора прашање колку брзо производителите на автомобили ќе можат да ја вратат инвестицијата.
Волво соработува со одделот за роботика на шведската технолошка групација „Хексагон“, чиј хуманоиден робот Еон (Aeon) веќе се тестира и во фабриката на БМВ во Лајпциг, Германија.
Роботот висок 1,65 метри и тежок 60 килограми се движи на тркала наместо на нозе, може да понесе товар од 10 килограми и развива брзина до 8,6 километри на час. Во „Хексагон“ се решиле за тркала бидејќи тие му овозможуваат на Еон полесно да маневрира во тесни простори и побрзо и поефикасно да минува долги релации низ погоните.
Слично како и БМВ, производствениот тим на Волво користи учење со имитација – роботот учи така што ги копира движењата при извршувањето на задачата.

Првото задолжение на Еон во Волво е прецизно поставување компоненти во два држачи. Постепено, работата ќе се прошири на ракување со повеќе делови, движење низ производствениот погон и поврзување со автоматизираните системи на фабриката.
За разлика од класичните индустриски роботи, кои се неприкосновени за повторувачки операции на фиксна позиција, хуманоидите можат да автоматизираат поширок спектар на задачи без големи зафати и преправки на постојните производствени ленти.
„Хуманоидниот дизајн на Еон значи дека може да се вклопи во нашето производство какво што е денес, рамо до рамо со нашите тимови и постојната автоматизација“, изјави директорот за производство на Волво, Магнус Нилсон, во официјалното соопштение. „Нашата цел е хуманоидните роботи да преземат дел од физички најнапорните задачи и да помогнат работата да стане поергономска за нашите луѓе.“
Волво почнува со два хуманоиди Еон, кои ќе се обучуваат во каросерискиот погон. Портпаролот на компанијата посочи дека е прерано да се каже колку вакви роботи на крајот ќе бидат распоредени во Гент, и дали дали ќе бидат воведени и во другите фабрики во Европа, Кина и САД. Од Волво исто така одбија да ја откријат висината на инвестицијата или да дадат процена за можните заштеди од нивното вклучување во производството.
Искуството на БМВ и амбициозниот план на Рено за 350 роботи
Во БМВ наведуваат дека сакаат да ги користат хуманоидите Еон за монотони, ергономски напорни или опасни задачи. Баварскиот производител го покрена својот прв европски проект со хуманоидни роботи во февруари, по претходното тестирање во американската фабрика во Спартанбург, Јужна Каролина, каде што роботи на калифорнискиот стартап „Фигјур АИ“ (Figure AI) помогнаа во изработката на повеќе од 30.000 возила. Таму тие одработија над 1.250 часа и пренесоа повеќе од 90.000 лимени делови до уредите за заварување. Проектот на БМВ во Лајпциг, пак, е насочен кон склопување високонапонски батерии и изработка на компоненти.
Меѓу најамбициозните во Европа е групацијата Рено, која планира да распореди 350 хуманоидни роботи во своите фабрики во 2027 година, како дел од стратегијата за намалување на производствените часови по возило за 30 проценти.

Роботот Калвин-40 (Calvin-40) на Рено, развиен во соработка со францускиот стартап „Вондеркрафт“ (Wandercraft), може да подигне до 40 килограми – четирипати повеќе од носивоста на Еон – и во фабриката во Дуе, Франција, веќе се користи за кревање гуми и пренесување каросериски панели.
Директорот за производство и квалитет на Рено, Тјери Шарве, вели дека способноста на хуманоидите да носат тежок товар во тесни простори ѝ овозможува на марката да автоматизира работни станици каде што тоа порано не било изводливо.
Сепак, Шарве е прагматичен околу самата технологија: „Искрено, не ме интересира да имам хуманоидни роботи“, изјави тој во март. „Ме интересира да имам ефикасни и евтини уреди за автоматизација, дури и ако изгледаат како луѓе.“
Другите производители поставија подоцнежни рокови:
-
Мерцедес очекува хуманоидите да влезат во производство околу 2030 година.
-
Хјундаи планира да ги распореди своите роботи Атлас (Atlas) за повторувачки индустриски задачи до 2028 година, а потоа да ги вклучи и во посложено склопување до 2030 година.
-
Тесла го прекина производството на лимузината Модел С и кросоверот Модел Икс за да ослободи капацитети во фабриката во Калифорнија за својот хуманоид Оптимус (Optimus).

Дизајнирање автомобили приспособени за роботи
И јапонските производители прават крупни влогови. Тојота планира од 2028 година да вложува по 1 билион јени (6,3 милијарди долари) годишно за воведување роботи, вклучително и хуманоиди со вештачка интелигенција, со крајна цел да распореди 400.000 роботи низ компаниите на групацијата. Во моментов Тојота ги тестира за снабдување и поставување делови, како и за завршна контрола во фабриките во Јапонија.
Хонда го тестира својот робот на тркала Аватар Робот (Avatar Robot) за вградување инсталациски снопови кабли – сложена операција што традиционално бара човечка умешност на прстите. Извршниот директор на Хонда, Тошихиро Мибе, во октомври изјави дека компанијата веќе размислува како да ги проектира идните возила за да им одговараат на роботите работници.
„Нашето производство и дизајн на автомобили исто така ќе почнат да го земаат ова предвид, па уште од почетните фази ќе го менуваме дизајнот на возилата имајќи го тоа на ум“, рече Мибе.
Цената и издржливоста остануваат главни пречки
Иако хуманоидите можат да ги поштедат вработените од години напорна физичка работа, нивната способност да издржат сурови фабрички услови на долг рок сè уште не е докажана.
Физички активните хуманоиди можат да побараат полнење на батеријата по само неколку часа работа, што би можело да ги принуди производителите да купуваат дополнителни роботи за да одржат непрекинато производство, посочи Педро Пачеко, потпретседател за истражувања во „Гартнер“ (Gartner), за „Аутомотив Њуз Европа“ претходно годинава. Дополнителни пречки се прегревањето, недоволната прецизност на движењата и издржливоста на чувствителните компоненти при секојдневна тешка работа.
Цената е уште една бариера. Хуманоидите чинат од 20.000 до 200.000 долари, во зависност од нивните можности, наведува Кристијан Суш, глобален лидер за иновации во роботиката во „Аксенчур“ (Accenture). Претседателот на „Хексагон Роботикс“, Арно Робер, во февруари на настанот на БМВ откри дека секој примерок од Еон чини над 100.000 евра (околу 110.000 долари).
Леи Џоу, партнер во „Делојт Томацу“ (Deloitte Tohmatsu) во Токио, се сомнева дали хуманоидите можат да извршуваат сложени задачи подеднакво брзо и точно како луѓето. „Вредноста на роботите со вештачка интелигенција се мери според тоа колку се универзални во преземањето разновидна работа и движења“, заклучува Џоу.

















