Во долгата и ценета соработка меѓу Пежо и Пининфарина, моделот Пежо 504 зазема посебно место. По успехот на лимузината и на елегантните изведби Купе и Кабриолет, а надоврзувајќи се на слични креации врз основа на италијански спортски автомобили, торинската каросериска работилница замисли сосем нова изведба: Тривратен шутинг-брејк, што ја спојува елеганцијата и перформансите на Купето со поголема практичност.
Така настана Пежо 504 Брејк Ривиера, прикажан пред јавноста на салонот во Париз во 1971 година. Проектот беше базиран врз стандардната техника, со дволитарски четирицилиндарец со впрскување на горивото и 104 КС, во спрега со погон на задните тркала и четиристепен мануелен менувач. Овој автомобил го најави концептот што во децениите што следеа доживеа вистински подем – концептот на спортски, елегантен и повеќенаменски комби.
Пининфарина наводно ја изработил Ривиера на сопствена иницијатива, со цел да ги убеди Французите да ја пуштат во сериско производство оваа необична интерпретација на 504. Сепак, проектот никогаш не стигна до производните ленти. Стилски примамливите идеи не секогаш наоѓаат плодна почва на пазарот.
Приказната се заплеткува
Токму тука почнува мистеријата. Достапните документи за судбината на оригиналниот примерок се зачудувачки оскудни. Од Пининфарина тврдат дека е изработен само еден примерок, додека други извори наведуваат едно возило во возна состојба и една макета за шоу.
По настапите на меѓународните салони, последната позната трага во јавноста датира од салонот во Барселона во 1972 година. Оттогаш наваму, информациите за Ривиера стануваат сé побледи. Познато е дека автомобилот бил продаден во Шпанија, но потоа му се губи секаква трага. Одредени претпоставки и денес го сместуваат во некоја приватна колекција во Шпанија или во Германија, додека со години едноставно се сметаше за исчезнат. Еден детал уште повеќе ја разгорува мистеријата: Меѓу изложбата во Париз и таа во Барселона, автомобилот очигледно ја сменил бојата, преминувајќи од првичната нијанса во потемна.
Шармот на Ривиера не лежеше само во линијата. Пининфарина замисли автомобил што спојува спортски дух, елеганција и употребливост, вистински „спортски автомобил за на голф“. Багажниот простор беше облагороден со под од оревово дрво и алуминиумски водилки, додека задните седишта се преклопуваа за да создадат сосем рамна површина. Кабината беше обложена во кожа со боја на крем, во контраст со црни детали, додека однадвор отскокнуваа заоблените странични стакла, специфично стеснетиот опаш и благиот спојлер вграден во покривот. Стилско решение што беше зачудувачки напредно за 1971 година.
Преродбата на Ривиера
Сепак, исчезнувањето на оригиналот не спречи приказната да продолжи. Во 2022 година, британски приватен колекционер му довери на специјалист од Англија да изработи копија на Пежо 504 Брејк Ривиера. Предизвикот беше огромен, затоа што не постоеја оригиналните технички цртежи. Поаѓајќи од 504 Кабриолет како основа, мајсторите ги комбинираа старите фотографии, премерите, тридимензионалното скенирање, КАД-моделирањето и рачната занаетчиска изработка.
Реконструкцијата траеше три години, враќајќи ѝ го обликот на една од најмистериозните и најпривлечни креации родени од соработката меѓу Пежо и Пининфарина.
Така, Пежо 504 Брејк Ривиера останува да лебди меѓу историјата и легендата: Можеби како уникатен примерок што сé уште се крие во некоја приватна збирка, а можеби како засекогаш загубен автомобил.
Токму оваа мистерија, заедно со извонредната елеганција на нејзините линии, ја прави и денес една од најинтригантните дизајнерски студии во историјата на автомобилот.
















