Џагјуар Ленд Ровер ќе произведува посебни моделски изведби за САД во соработка со Стелантис, за да биде од „точната страна“ на царинските бариери и да се ублажи зависноста од доларот, објави директорот за финансии на Британците.
ЈЛР и Стелантис уште во мај објавија дека ќе соработуваат на нови модели за ЈЛР под марката Дефендер, што ќе бидат приспособени за пазарот во САД.
Ричард Молино, директорот за финансии на ЈЛР, при соопштувањето на добивката на компанијата на 13-ти август, потврди дека таа соработка предвидува можност за производство во фабриките на Стелантис во САД. Кон завршетокот на годината се очекува двете компании да потпишат писмо на разбирање.
Место ЈЛР да го преселува производството на своите најпродавани модели во фабриките на Стелантис во земјата, ќе се користи помош од Стелантис во развојот на тие модели.
„Покрај нашиот обем, нема смисла да го локализираме производството на постоечките возила во Северна Америка,“ изјави Молино. „Во САД секоја година продаваме околу 30.000 Дифендери. Не можеме ефикасно да го локализираме производството со 30.000 возила, па ниту со 50.000 возила.“
Место тоа, производителот на автомобили ќе влезе во „нови сегменти“ со модели под марката Дифендер, што ќе се развиваат заедно со Стелантис, потврди Молино.
ЈЛР не посочи за кои сегменти се работи, но можно е компанијата да конструира Дефендер со носечка рамка, врз платформата на Џип Вранглер, и со тоа да се врати на пазарот на теренски возила, откако тековниот Дифендер го осмисли како престижно возило.
Во САД постои голема побарувачка за вистински теренски возила. Меѓу можните соперници се најскапите изведби на Форд Бронко и самиот Вранглер, но и новите возила од Скаут, марка на концернот Фолксваген, како и Инеос Гренадир.

ЈЛР плаќа 10 или 15% царина за увоз во САД
ЈЛР во моментов ги увезува сите свои возила во САД, нивен најголем пазар во светот. Царините што Доналд Трамп ги воведе во 2025 година додадоа 10 проценти за возила произведени во Велика Британија и 15 проценти за возила од ЕУ, меѓу коишто спаѓа самиот Дифендер, што се произведува во Словачка.
„Јасно ни е дека мораме да префрлиме дел од производството на точната страна од царинската бариера,“ изјави Молино.
Соперниците БМВ и Мерцедес-Бенц веќе се од таа страна на царинската бариера со фабрики во Јужна Каролина и Алабама што работат со години, во коишто соодветно се произведуваат поголемите СУВ. Волво го произведува големиот електричен СУВ-модел Е Икс 90 во САД, а наскоро ќе започне и производство на СУВ-моделот од средната класа Икс Ц 60.
Со производството во САД, ЈЛР ќе се заштити и од менувањето на вредноста на доларот и на британската фунта, посочи Молино.
Северна Америка, вклучувајќи ја Канада, веќе е најголем пазар на ЈЛР со малку под 100.000 продажби на Рејнџ Ровер, Дифендер, Дискавери и Џагјуар во финансиската година што заврши на 31-ви март. Тоа се 28 проценти од вкупната продажба од 352.389 возила. Во последното тромесечје што заврши на 30-ти јуни, тој удел се зголеми на 34 проценти.
САД доби на значајност како пазар на ЈЛР, откако Кина, како некогашен најголем пазар, почна да бележи пад. Продажбата во последното тромесечје во Кина опадна 26 проценти, а уделот се сведе на 11 проценти. ЈЛР е меѓу европските премиум марки што беа погодени од наглото откажување на Кинезите од возила со мотор со внатрешно согорување годинава.
„Мала е веројатноста дека ќе ни стане полесно во Кина“, изјави Молино.
САД се подобар пазар за плановите на ЈЛР да се префрли на поскапи модели што носат поголема добивка. ЈЛР планира да го зголеми годишниот промет за 10 проценти и просечната продажба цена да ја качи над 80.000 фунти, наспроти 75.300 фунти во последното тромесечје.















