Тесла го освојува пазарот на електрични автомобили во САД, додека продажбата опаѓа и конкурентите се откажуваат.
Специјалистот за електрични возила освои преку 60% од вкупниот број на новорегистирани електрични автомобили во јуни. Наспроти тоа, нагло опаѓа продажбата на конкурентските марки.
Пазарот на ЕВ во земјата опаднал за 11 проценти во јуни, и тоа е деветти месец по ред со опаѓање на продажбата, откако беа укинати даночните повластици за ЕВ. Падот доаѓа главно од конкурентските марки на Тесла, поради што пазарот во јуни годинава се спушти на 100.315 возила.
Пазарот на електрични автомобили во земјата уште е несреден, откако на 30-ти септември лани беше укинато даночното ослободување во висина од 7.500 долари. На тоа следеше и ублажување на границите за штетна емисија и масовно враќање на производителите кон возила со мотори со внатрешно согорување, откако со години беа посветени главно во електрични автомобили.
„Дури и на пазарот со цени на горива што се качени веќе шест месеци, тешко им е на производителите на автомобили да вложат напори и средства во насока на ЕВ,“ изјави Карл Броер, аналитичар во Ај Си Карс. „Сигурен сум дека нема да се случи масовно враќање на пазарот на ЕВ.“
Уделот на ЕВ на пазарот на патнички возила опадна на 6,9 проценти, од 8,6 проценти лани. Хибридите не спаѓаат во оваа статистика.
Додека повеќето од традиционалните производители и соперници на Тесла доживеаја остар пад во јуни, Тесла постигна раст во новорегистираните возила од 8 проценти во споредба со лани, со 61.813 возила и со удел во продажбата на ЕВ од 61,5 проценти. Тоа е раст од 11 проценти бодови.
Продажбата на конкурентите на Тесла, каде што спаѓаат речиси три дузини производители, опадна за 31 проценти, на 38.702 возила.
Некои производители се откажаа
Големите прооизводители на автомобили се соочија со загуби од милијарди долари, на име на ЕВ, продавајќи возила по дисконтни цени, кажува Броер. Купувачите сега се префрлуваат на бензинци и хибриди, коишто носат поголема заработка и се продаваат полесно, во услови кога возачите уште стравуваат околу мрежата од полначи и досегот.
Во меѓувреме, Тесла го враќа своето име како најпродавана марка електрични возила. Најпродаваниот модел, кросоверот Уај, самиот постигна удел од 42 проценти во продажбата на ЕВ во јуни.
Аналитичарите оценуваат и дека повлекувањето на Илон Маск во заднина, откако претходно изрази силна поддршка на администрацијата на Трамп, помогнало да се врати угледот на Тесла.
Пазарот на електрични возила во САД заздравува
И покрај слабата продажба на ЕВ во јуни, се појавуваат знаци за заздравување на пазарот по укинувањето на даночното ослободување за ЕВ.
Во јуни во САД повторно се продавале преку 100.000 возила, што е првпат по септември лани. Покрај тоа, и продажбата во првото полугодие испадна подобра отколку што предвидуваа некои аналитичари.
Во првите шест месеци се продадени 492.651 електрични возила, што претставува пад од 21 проценти во споредба со истиот период лани. Уделот им се смалил од 7,5 проценти на 6,1 проценти. Тоа е многу подобро од предвидувањата дека пазарот годинава ќе се смали за 50 проценти, и уделот ќе се сведе на 4 до 5 проценти.
Купувачите и натаму добиваат високи попусти
Попустите од производителите на електрични автомобили го задржаа високото ниво во јуни, со просечно 7.290 долари по возило, што одговара на околу 13 проценти од просечната продажна цена.
Ривиан е втора најпродавана ЕВ-марка во јуни. Продажбата им опадна 1,7 процент, на 4.535 возила. Наспроти тоа, продажбата на доставни возила им пораснала за 43 проценти, на 2.061 возила, додека пикапот Р1Т и кросоверот Р1С двата имаа намалена продажба.

Уделот на Ривиан на пазарот на ЕВ порасна од 4,1 проценти во ланскиот јуни на 4,5 проценти годинава.
Трета најпродавана електро-марка е Шевролет, со пад од 57 проценти и продадени 4.094 возила. Кросоверот Еквинокс имаше пад од 78 проценти и 1.361 возила, додека малечкиот Болт, којшто не се продаваше лани, постигна 1.371 возила.
Уделот на ЕВ опадна од 8,4 проценти лани на 4,1 проценти годинава.
Следи Хјундаи со 4.011 возила и пад од 23 проценти. Кросоверот Ионик 5, падна 16 проценти, на 2.930 возила. Петти е Кадилак со 3.931 возила и пад од 4,6 проценти. Најпродаван е кросоверот Оптик со 1.578 возила.















