
Лани во септември се чинеше дека Ауди веќе го има подготвено својот следен спортски автомобил за да го пушти на сцената. Тогаш светот првпат го виде Концепт Ц, со новиот дизајнерски правец на марката, со минималистички пристап, којшто изгледаше мошне компактно и беше замислен како најава за електричен спортски автомобил.
Концепт Ц со две седишта и преклоплив цврст покрив ќе доживее производство, веројатно уште в година. Тој ќе ја дели техниката со електричниот наследник на Порше Бокстер, којшто би требало прв да стартува со продажба. Но, не мора да биде таков редоследот.
Нуволари е како залепен за земја, многу широк
Ауди сака да си ја врати славата. Шефот Герно Делнер цени дека на марката уште ѝ недостига суштина, што ќе биде цврст темел за прочуеното мото на марката, а тоа е Форшпрунг дурх Техник, односно напредок преку техника. Секако е важно и тоа што Ауди сега е марка што се трка во Формула 1.
Токму вклучувањето во кралската дисциплина во мотоспортот донесе силен елан во Инголштат. „Не можев да замислам каква искра ќе даде Формула 1 за компанијата, изјави Делнер во минатата среда, пред новинарите во центарот за дизајн на марката.
Шефот го кажа тоа додека возилото уште беше сокриено под црна покривка. Делнер напомена дека автомобилот оздола, чијашто масивна појава се навесуваше уште на невидено, ќе биде изработен во само 499 примероци. Тој кажа дека светот се менува со голема брзина и дека марката се „справува со тоа со силно забрзување.“ За шефот е важно да се постигне брзина „за да се пополни секоја празнина, што се создаде во светски рамки.“ Делнер со тоа сакаше да укаже дека германската автомобилска индустрија денес заостана зад новите конкуренти, но и да потспомне дека Ауди забави со придржувањето кон своето мото.
По симнувањето на прекривката, се покажа спортски автомобил со брутално минималистичка форма. Тоа е најсилниот и најбрз Ауди на сите времиња. Тој е воедно и наследник на Р8, но со друго име, Нуволари. Новиот суперспортски автомобил е именуван по Тацио Нуволари, легенда во мотоспортот, еден од најуспешните, но и најхрабри возачи во своето време.
Главниот дизајнер Масимо Фрашела го образложи изгледот: „Ауди не мора да вреска, за да биде слушнат“. Најголемото изненадување сепак беше тоа што Ауди го прикажа овој модел како претсериски примерок. Сериското производство ќе започне кон завршетокот на годинава, за првите испораки да стартуваат во првото полугодие од 2027-ма.

Техничката основа ја позајми Ламборгини Темерарио
Иако уште кон завршетокот на 2025 почнаа да кружат гласини дека Инголшат работи на суперспортски авотмобили, сé досега не се знаеше ништо поконкретно. Стартот бил даден уште на 21-ви март 2025 година. Налогот бил јасен од старт. За Нуволари нема посебно да се развива техниката.
„Хардверот потекнува од Ламборгини Темерарио“, открива шефот за развој Рувен Мор, кој во февруари премина од Сант Агата Болоњење во Инголштат. При развојот на Темерарио не беше планирано тој да се користи како основа за модел на Ауди, но тогаш и раководството беше друго.
За разлика од Ламбо, којшто со својот битурбо Ве-8 што врти до 10.000 вртежи, со електромотор во менувачот со двојна спојка и со двата електромотори на предната оска, постигнува системска моќност од 920 КС, Ауди направи неколку зафати и извлече 1.001 КС, главно со промени во енергетскиот менаџмент и на тој начин зголемената моќност на електромоторите.
Крајна брзина над 350 километри на час, забрзување од место до темпо сто за помалку од 2,6 секунди. Батеријата во погонската спрега на приклучниот хибрид поседува капацитет од 7,3 кВч. На прашање од новинарите, зошто се одеше на приклучен хибрид, кога купувачи не се посебно заинтересирани за електричниот погон, Делмер одговори дека причината е „покажувањето блискост со Формула 1.“
Во што е тогаш разликата меѓу Нуволари и Темерарио? Неговата алуминиумска школка, патем, се произведува во Некарсулм, кај Ауди. Првиот инженер Мор посочи дека разликата е во унапредувањето на предвидливото раководење со погонот на сите тркала. Нуволари исто така користи 6Д-сензорика, со три сензори (за надолжно, попречно и вертикално забрзување) и три оски на ротација, но побрзо ги обработува податоците.
Мор ветува дека управувањето на Нуволари е подобрено 30 проценти. Интересна е суспензијата, со пасивни и активни амортизери. Нивниот притискачки и повратен óд се менува само со алат. И тоа е уште еден поздрав од мотоспортот.
Ауди се потпира на врвен избор на материјали и изработка
Суперспортското Ауди ќе се издвојува со уште еден суперлатив. А, тоа е избор на врвни материјали и најтемелна изработка. „Сé што личи на метал е метал“, уверува Мор. Тоа се забележува во масивните отвори за воздух во кокпитот, но и во решетката одзади. „Не беше лесно да се најде некој што ќе изработи толкав дел по пат на длабоко извлекување“, објаснува Мор.
Под лакот во мат песочно-сребрена боја, се крие школка од карбон. Купувачите ќе можат да го нарачаат Нуволари и со видлива карбонска карбонска структура. Прстените на Ауди во задниот спојлер што се мести, изработени се од алуминиум и се вовлечени, да не го попречуваат струењето на воздухот. Предните решетки целосно се од метал.















