за

Renault и Nissan ќе го удвојат бројот на дилери во Европа

За шефот на Nissan е најважно тоа што „повторно се активираат бизнис операциите како во почетокот на алијансата“. Има изгледи дека нештата повторно ќе функционираат одлично во алијансата Renault-Nissan.

renault nissan zastiten znak zaedno
renault nissan zastiten znak zaedno

Новиот распоред на силите во алијансата Renault-Nissan ќе вроди со нови модели за Европа, но ќе има промени и во клучните активности, како финансиите, дистрибуцијата, продажбата и рециклирањето.

Renault и Nissan објавија дека ќе започнат низа заеднички проекти под насловот „создаваме висока вредност“. Тие проекти ќе донесат нови модели на автомобили, доставни возила и пикапи во Индија, Латинска Америка и Европа.

Неколку од новите соработки ќе помогнат за партнерите да ги скусат оперативните трошоци и да ги зголемат дилерските маржи во Европа.

Што се однесува до продажбата, извршниот директор на Renault, Лука де Мео, објави дека до 2025 година двојно ќе се зголеми бројот на заеднички дилерства на Renault/Nissan, што се во сопственост на надворешни инвеститори. „Тоа значително ќе им ја зголеми профитабилноста на тие инвеститори и ќе ги смали трошоците за дистрибуција“, кажува шефот.

Компаниите „ќе развијат заеднички стратегии“ за сервисирањето, за користените возила и за финансирањето. Тоа ќе се врши преку единицата Mobilize на Renault, каде што учествува и поранешната RCI Bank.

Nissan ќе му се придружи на Renault во организирањето мрежа од станици со полначи за електрични возила, со можност да се вклучи и во идната мрежа на Mobilize. Оваа мрежа ќе вклучува стотици станици со брзи полначи и патни одморалишта во дилерствата на Renault што се наоѓаат покрај магистралните патишта. Де Мео објаснува дека целта е да му се парира на „лидерот на пазарот“, без притоа да го наведе името на конкурентот. Тој потоа посочи дека целта е да се „победи Ionity или да се постигне исто ниво со Tesla.“

Nissan ќе му помогне на Renault да создаде критична маса во својата „кружна економија“, при што се мисли на вториот живот за старите батерии од електричните автомобили, на освежувањето користени возила и рециклирањето на деловите. „Renault има големи амбиции, така што е сосем разбирливо што Nissan го фаќа возот“, додаде Де Мео.

Нови модели на Nissan и Mitsubishi

Mitsubishi ќе добие итна помош во градењето понуда од модели за европскиот пазар. Веќе се најавени Mitsubishi ASX и Colt, како варијанти на Renault Captur и Clio со сменет знак.

Новите модели, што ќе стартуваат со продажба годинава, претставуваат враќање на претходните планови на Mitsubishi, за инвестирање во нови модели за Европа. Renault има корист во тоа што ќе ги пополни производствените капацитети во фабриките во Шпанија и Турција. Секако дека главната цел е да се зголемат продажните бројки на јапонската марка, што во минатата година продаде само 54.000 возила во Европа. До 2024 година, таа бројка треба да се искачи на 130.000 возила.

Проект што досега не е објавен е верзијата на Nissan од идниот Mobilize FlexEVan. Станува збор за електрично доставно возило што користи напреден софтвер и коешто од 2026 година ќе се произведува заедно со партнер од технолошката сфера, чиешто име уште не се открива.

Истата година, малечок електричен автомобил на Nissan ќе почне да се произведува во Renault во Франција, со 80 проценти од компонентите што ќе бидат заеднички со идниот Renault 5.

Renault ќе го произведува Mitsubishi ASX, верзија на малечкиот СУВ-модел Captur, во Шпанија

По 2026 година, Nissan и Renault „ќе истражуваат можни соработки во делот на компактните модели со целосно електричен погон. СУВ-моделот со електричен погон Nissan Ariya и комбилимузинскиот Renault Megane E-Tech користат иста платформа. Извршниот директор на Nissan, Макото Учида, открива дека марката соработува со Renault на компактна комбилимузина што ќе ѝ се придружи на електричната Ariya.

renault megane e-tech electric

Бидејќи Nissan нема улога на главна компанија во алијансата во Европа, Учида го оценува идниот огранок Ampere за електричните возила на Renault, како „клуч за отворање нови бизнис можности во Европа“. Неговата компанија ќе инвестира до 15 проценти во Ampere.

Иако проджбата опадна значително од рекордните 560.000 возила во 2015 година, со пазарен удел од 3,9 проценти, Nissan и натаму е важен играч во Европа, со 238.000 продадени возила и удел од 2,2 проценти на пазарот во 2022 година.

„Најважното според мене е тоа што повторно ги активираме бизнис операциите како во почетокот на оваа алијанса“, вели Учида. „Тие можат да создадат стотици милиони додадена вредност секоја година, можебк милијарди доколку сé работи совршено.“

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes-Benz донира милион евра за погодените од земјотресот во Турција и Сирија

Дизајнерите на Centro Stile ја изработија колор-шемата за Ф1-болидот на Alfa Romeo