Пежо 3008 веќе со генерации е присутен на сцената, уште од времето кога моделот беше ван-кросовер. Само за последната генерација, марката со лавот пријавува продадени 1,3 милион примероци во седумте години на моделот. Тоа е еден од носечките автомобили на француската марка, којшто и во новата генерација би требало лесно да се справува со пазарните предизвици.
Пежо ќе ја нуди својата 3008 од генерацијата што беше претставена кон завршетокот на летото, во целосно електрична и во изведба со благ хибриден погон. Мрежата на Пежо веќе почнува со нарачки за новиот модел. Цените за францускиот пазар уште не се достапни онлајн, но затоа германскиот увозник побрза и ги има сите инфомации што се потребни.
Нарачките засега се отворени само за електричната варијанта, затоа што така избрале стратезите на марката, за прво Е-3008 да го гради имиџот на моделот. Целосно електричната Е-3008, во нивото на опременост Алур, во германскиот ценовник чини 48.650 евра без субвенции.
Напролет ќе стартува и изведбата со благ хибриден погон, којашто ценовниот праг за компактниот СУВ го спушта на 39.250 евра.
Новата генерација на 3008 воедно го почнува и новото поглавје на марката со лавот, коешто води кон целосно електричната иднина. Главниот нагласок кај 3008 и сите нови модели што ќе следат по неа е ставен на дизајнот, што е во служба на ефикасноста, односно на најниска можна потрошувачка на енергија.
Целиот нос прикажува нов изглед, со целосно сменет облик на светлата и на маската. Во врвната изведба ГТ, компактниот СУВ доаѓа стандардно со светла со технологија пиксел-ЛЕД. Тоа се исклучително тенки светла што се вградени во елегантна лајсна и во голема мера придонесуваат за современиот изглед на Е-3008.
Ова е прв модел на Пежо што е опремен со новиот панорамски и-кокпит. Станува збор за панорамски дисплеј што е заоблен и има пречник од 21 инчи, односно околу 54 сантиметри. Посебен ефект е тоа што дисплејот е издвоен понапред од таблата. Французите додадоа и ефектно амбиентално осветлување, што го нагласува постоењето на техно-дисплејот, со избор од 8 бои.
Инженерите на Пежо велат дека новиот електромотор спојува штедливост и возачко уживање
Во Пежо Е-3008 работи електромотор од најнова генерација, со моќност од 157 киловати (210 КС) и вртежен момент од 345 њутнметри. Одлика на електромоторот е тивката работа, без какви било вибрации.
Дополнително ќе биде понудена и изведба со продолжен досег и 230 КС, исто како и изведба со два електромотори и погон на сите тркала, со 320 КС. Двете изведби ќе стартуваат подоцна.
Новата нула-нула-осумка е прв модел на Пежо што е конструиран врз новата платформа СТЛА Медиум на Стелантис. Во содветната моделска изведба, досегот изнесува до 700 километри. Времетраењето на полнењето на брз полнач изнесува 30 минути. Со багажникот од 520 литри, функционалноста останува непроменета во споредба со претходничката.
Германскиот увозник објави дека ќе стојат на располагање две нивоа на опременост, Алур и ГТ
Избор од ставките во нивото Алур:
- Седишта обложени со платно/вештачка кожа Узирис, во црна боја со розови штепови
- Пежо и-Кокпит, Пежо и-Конект панорамски дисплеј составен од два 10-инчни дисплеи
- Систем за задржување во лента со зафат во управување, задна камера со преглед во 180 степени, паркинг сензори назад
- Тркала од лесен метал од 19 инчи
- Топлинска пумпа за греење на кабината
- Трифазен вграден полнач од 11 киловати
Дополнителни ставки што се вградени сериски во ГТ:
- Седишта обложени со алкантара/вештачка кожа во црна боја со зелени штепови
- Светла пиксел-ЛЕД
- ЛЕД амбиентално осветлување на таблата и вратите и 21-инчен панорамски дисплеј
- Заден поклопец со самостојно отворање
- Паркинг сензори напред
- Покрив црн дијамант, со бисерен ефект
- Пежо и-Конект Адвансед
- Навигација, говорни команди, безжичен полнач за телефон
За каросеријата може да се избира меѓу окенит бела (стандард), а опција се црна боја со бисерен ефект, артенс сребрена, титан сива, опсесија сина, ингаро сина.
Вредно дополнување на понудата е благиот хибрид со новиот 1,2-литарски бензинец со 136 КС, со 48-волтен стартер-генератор вграден во шестстепениот менувач со двојна спојка.
Во акцијата што германскиот увозник ја организира до завршетокот на годинава, купувачите на Пежо Е-3008 добиваат бесплатно полнач за возилото.
Во македонски Еуроимпекс веројатно веќе се подготвува и домашната премиера на 3008.