за

Почнува продажбата на новиот Peugeot 308 во Франција

Французите му обезбедија впечатлива појава на новиот Peugeot 308, кој цели кон премиум сегментот во компакт класата. Peugeot порачува дека новата генерација на Peugeot 308 е различна од сé претходно.

Спој од остри линии во каросеријата и сензуални површини е главното обележје во појавата на новиот Peugeot 308. Оваа комбинација секако дека е во согласност со карактерот на лавот, што француската марка го носи како знак на препознавање.

Уште кога ќе се погледне страничната силуета станува јасно дека новиот Peugeot 308 се издвојува од масата. Впечатливо долгата хауба создава контраст со масивната кабина што оддава впечаток дека е просторна и комотна.

При развојот на новата генерација на моделската серија со долга традиција на сцената се внимавало на тоа што денес го бараат купувачите во сите класи автомобили и во сите сегменти. „Тројката“ со знакот на лавот нуди штедлив погон и ниска емисија на СО2, го нуди тоа и во уште понапредна форма, во двете моделски изведби со приклучен хибриден погон, а секако дека не недостига и комплетен арсенал од системи за асистенција што возењето навистина ни го прават покомотно и побезбедно. На сето тоа, следи Peugeot-печат.

Peugeot 308 внатре пречекува со нова генерација на i-Cockpit, со впечатлив и воедно прегледен дигитален приказ, но и со нови i-Toggle копчиња во средишната конзола, што може да се конфигурираат по потреба и по желба. Мајсторијата на дизајнерките и дизајнерите на француската марка е во тоа што и покрај сега дигитализација што се случува во кокпитот, Peugeot ja задржа душата, карактерот на марката.

Во меѓувреме стартуваа рекламите за новиот Peugeot 308 на францускиот пазар. Колку што новиот модел се разликува од претходниците, толку и 45-секундното рекламно видео побудува емоции при гледањето. Сепак станува збор за марка што досега се има докажано како мајстор и во рекламирањето на своите модели. Многумина уште се сеќаваат на легендарната реклама со индискиот фан на Peugeot 206.

Новиот Peugeot 308 е дизајниран, проектиран и произведен во Франција

 Музиката во спотот е современа изведба на „Mon manège à moi“ на Едит Пјаф, светски прочуена француска пејачка. Изборот падна токму на една од најпрепознатливите песни, затоа што и Peugeot 308 е комплетно дизајниран и проектиран во Франција, а секако и се произведува во земјата, во фабриката во Мулуз.

Спотот е во продукција на агенцијата OPEn, режисер е Јан Венц. Денес стартува целосната кампања на сите медиуми во Франција.

Новиот Peugeot 308 се очекува да пристигне во Македонија околу Нова Година.

>>> Новиот Peugeot 308 стартува во Франција од 24.800 евра

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia најпродавана марка во Хрватска во септември

Toyota им издава сертификати на „милионерите“