за

Трет хибрид во моделското семејство на Peugeot 3008

Peugeot 3008 вози најмоќно во изведбите што вклучуваат електромотор во погонот. На супер-верзиите со 225 и 300 КС, сега им се придружува „скромна“ изведба со 180 КС.

Компактнот СУВ-модел на Peugeot добива уште една хибридна варијанта, со пониска моќност и пониска цена, заради проширување на кругот на купувачи на 3008. Користа од намалената моќност ја имаат главно развиените пазари, како Франција и Германија, каде што осигурувањето и други давачки се поврзуваат со моќноста. Peugeot 3008 Hybrid 180 вози и на струја.

Peugeot ја проширува понудата од моделски изведби со приклучен хибриден погон во семејството на 3008. Со новата, трета изведба, со 180 КС, се проширува кругот на купувачи на хибридниот 3008, што располага и со можност за батеријата да се приклучи на полнач и одредено растојание да се мине чисто на струја.

Французите го нудат Peugeot 3008 Hybrid 180 во две нивоа на опременост. Новакот им се придружува на двата постоечки модели со приклучен хибриден погон, 3008 Hybrid 225 со погон напред и 3008 Hybrid4 со 300 КС и втор електромотор назад.

Цената во Франција за Peugeot 3008 Plug-In Hybrid 180 во нивото Active Pack изнесува 44.070 евра. За споредба, верзијата со 225 КС чини 45.890 евра.

Новини има во целата гама на 3008 во моделското годиште 2023. Главниот новитет е рачката за бирање на степен на пренос на автоматскиот менувач, фамозната E-Toggle, по пример на 308 & Co.

Како што повеќепати најави шефицата Линда Џексон, понудата од модели со електрифициран погон на Peugeot напредува силно, и веќе од годинава, секој модел што го нудат Французите ќе биде достапен и во верзија со електрифициран погон.

Погонската спрега на новиот Peugeot 3008 Hybrid 180 се состои од турбо-бензинец од 1,6 литар со 150 КС и електромотор со моќност од 110 КС. Системската моќност изнесува 180 КС. Спринтот до темпо сто трае 8,7 секунди, крајната брзина изнесува 215 km/h.

Со батеријата од 13,2 kWh, компактниот СУВ може да извози до 60 km во чисто електричен режим. На обичен домашен приклучок, батеријата се полни за 7,5 часови, односно за два часа на јавен полнач или на ѕиден полнач од 7,4 kW.

Освен во нивото Active Pack, новиот хибриден модел е достапен и во повисокото Allure Pack, со цена од 46.270 евра во Франција.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Во обновената алијанса со Nissan, Renault ќе се произведува во Америка

Mercedes-Benz донира милион евра за погодените од земјотресот во Турција и Сирија