142
27 shares, 142 points

Хамбург е подготвен уште во текот на следната недела да им покаже стоп на старите возила со дизел мотор. Сообраќајните знаци се веќе поставени, Хамбург ќе биде прв германски град што воведува забрана за дизелите со слаб квалитет на издувни гасови.

Во голем број германски градови уште од почетокот на деценијава се регистрира пречекорување на дозволените вредности за азотни оксиди. Германското здружение за заштита на животната средина од тие причини поднесе тужби против 19 градови, поради непридржување до граничните вредности што ги има одредено ЕУ. Управниот суд во Лајпцих, во февруари годинава, реши дека постои правна основа да се воведат забрани за сообраќај за дизел возила. Оттогаш се прават планови како да се реализираат забраните за сообраќајот за нечистите дизели.

Hamburg najvpecatlivite obelezja 1

Големиот пристанишен град, којшто е познат и како „вратата на светот“, не беше меѓу тужените градови, но во 2014 година се најде на суд поради слабиот квалитет на воздухот. Тужител беше Сојузот за животна средина и заштита на природата. Хамбург имаше обврска до минатото лето да поднесе план за подобрување на квалитетот на воздухот. Така се одвиваше подготовката, за „Венеција на Северот“ да стане прв германски град што ги забранува старите дизели.

Не станува збор за вистинска забрана за дизел, туку повеќе е пренасочување на сообраќајот

Забраната важи за две оптоварени сообраќајници во Хамбург. Таа се однесува на делница од Макс Брауер Алее во должина од 600 метри и на дел од Штреземанштрасе долг еден километар и седумстотини метри. Првата делница е забранета за сите патнички и товарни возила со норма на издувни гасови под Еуро 6, додека Штреземанштрасе ќе биде недостапна за камионите што се под строгата норма. Пристапот е неограничен за жителите и нивните гости, како и за брзата помош, за комуналните и за доставните возила.

Контролата ќе ја врши полицијата, со увид во сообраќајната дозвола. Во првите денови на возачите ќе им се даваат информативни брошури. Казната за пристап со возило што не ја задоволува нормата Еуро 6 ќе изнесува 25 евра за патнички автомобили и 75 евра за товарни возила.

Ограничувањето ќе важи во текот на целата година, додека вредноста на азотни оксиди не се спушти под лимитот на ЕУ од 40 микрограми на метар кубен. Досега честопати се случуваше вредноста да биде двојно повисока од дозволената.

Повеќе градови чекаа некој друг да го направи првиот чекор

Возилата со слаб квалитет на издувни гасови ќе се пренасочуваат по околните улици. Германците се докажани мајстори со поставувањето на сообраќајната сигнализација, такашто и странските возачи не мора да се грижат дека ќе го најдат патот до одредиштето. Засега постои неизвесност дали пренасочувањето ќе доведе до сообраќаен застој.

Останатите германски градови можат во секој момент да го следат чекорот на Хамбург, односно забраната може да се побара секаде кадешто се надминуваат граничните вредности. Минхен е следниот потенцијален кандидат, исто како и Штутгарт, кадешто забраната за пристап ќе почне да се применува кон крајот на годинава. Возачите на стари дизели во Диселдорф, Берлин, Дортмунд, Франкфурт и Келн исто така можат да сметаат дека во иднина ќе имаат забрана за пристап во одредени подрачја во градовите, поради недозволено високата емисија на штетни материи.

[FAG id=32403]

Амфибиски автобус на редовна бродска линија во Хамбург

Mercedes отвори кафуле во Хамбург

И дизелите на германските функционери ќе добијат забрана за возење?

Метан го заменува дизелот во камионите

ЕУ бара подобра заштита на купувачите по дизел скандалот

Шпанците се придружуваат во отсакувањето на дизелот


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

142
27 shares, 142 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *