179
23 shares, 179 points

Автомобилите од Кина досега не настапуваа со врвна технологија. Бројните обиди да се постигне пробив на пазарот во Европа со едноставна техника и ниски цени, не минаа најславно. Кинеските производители сепак извлекоа поука од тоа. Место едноставно и евтино, тие сега нудат премиум автомобили и врвна технологија.

Во многу пригоди се спомнува храбриот чекор на Кинезите со телефонијата. Кога во земјата почнуваше големиот економски бум и дојде време основната комуникациска мрежа да се прошири на целата територија на земјата, некои мудри мислители решија воопшто да не се поставува фиксна мрежа, туку веднаш да се премине на мобилна телефонија. Генијално!

Примерот сега почнува да се применува кај автомобилите. Место со возила со обичен погон, Кина овојпат се враќа на европскиот пазар со електричен погон. Дополнително, возилата сега изгледаат привлечно и нудат најсовремена дигитална техника. Wey ги изложува своите премиум СУВ-модели на штандот во Франкфурт и најавува нов старт на европскиот пазар. Веднаш покрај нив изложува уште една кинеска марка со иста мисија, Byton.

Кога Wey официјално ќе стартува во Европа за две години, нивната понуда сепак нема да се состои од електрични СУВ, туку прво ќе се нудат плагин-хибриди. Моментно се преговара со партнери, коишто ќе ја формираат дилерската мрежа. Подоцна ќе следат и моделите со погон на струја, кои постигнуваат одличен успех на домашниот пазар, во Кина. Во 2021 година, Wey ќе го претстави новиот VV5, со досег до 500 километри.

Wey е премиум марка на Great Wall Motors, којашто долго е присутна и на македонскиот пазар, и истата е основана уште пред две години

Од основањето, Wey пласираше 300.000 возила. Great Wall во Кина соработува со BMW. Плагин-моделот што ќе стартува во Европа во 2021 година, на струја може да извози 100 километри, а во погонската спрега работи дволитарски бензинец. Системската моќност изнесува 218 КС. Цената на премиум СУВ-моделот би изнесувала околу 50.000 евра.

На следното издание на ИАА во Франкфурт, Wey ќе го одбележи својот старт на европскиот пазар. Кинезите се сериозни во своите намери да се пробијат на европскиот пазар. Тоа се докажува и со неодамнешното отпочнување со изградба на центар за развој на нови технологии во Германија.

Студијата што е прикажана во Франкфурт го најавува изгледот на серискиот модел на Wey. Автомобилот е приспособен на европскиот стил на возење и според барањата на европските возачи. Како што наведуваат од Wey, деталите што обично им се допаѓаат на кинеските возачи се сменети и изведени според тукашните вкусови и потреби. Истото важи и за подвозјето. Кинезите повеќе преферираат меко подвозје, додека во Европа се цени стегнато подвозје.

Најважниот напредок сепак е во квалитетот. На истражувањето на реномираниот JD Power за квалитетот на возилата во првите години по испораката, Wey VV6 мина со највисоки оцени. Во исто време, кинеската асоцијација за квалитет даде врвни оцени за квалитетот на сервисот.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

179
23 shares, 179 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *