141
23 shares, 141 points

Авионски лет од Амстердам до Дарвин во Австралија, со куса пауза во Сингапур, трае точно 20 часови. На овој Холанѓанец му требаше многу повеќе време да допатува со својот автомобил: 827 денови.

Во март 2016 година, Нибе Дакер појде од холандската метропола со девет години стар Volkswagen Golf Variant, преправен од дизел во електричен автомобил. Предизвикот беше голем, Холанѓанецот имаше цел со својот автомобил на батерии да пристигне на спротивниот крај на земјината топка. Но, Нибе направи предизвикот да биде уште потежок, затоа што на пат дотаму, тој се потпираше исклучиво на гостопримството на мештаните, кои му обезбедуваа преноќиште, оброк и струја за неговиот Golf во „бојата на струјата“.

Подвигот на Нибе Дакер заслужува да биде запишан во историјата. За две години и четири месеци, тој мина во цик-цак линија низ 33 држави и извозе 70.000 километри, без ниту еднаш да запре покрај пумпа за точење гориво.

Со Golf V преправен на струја на пат околу светот 1

Електро-авантуристот со гордост објавува на своите профили на социјалните мрежи: „Со моето пристигање во Перт, на целиот свет му докажав дека можам со мојот електричен автомобил да пристигнам и на најизолираните места.“

Брзината воопшто не е важна на овој храбар потфат, важно е да се најдат „добри домаќини“

Со батеријата со капацитет од 37 киловатчасови, некогашниот дизел автомобил може да извози околу 200 километри. Крајната брзина што може да ја постигне тиркизно синиот Golf е 180 километри на час, а моќноста изнесува 150 киловати, односно 204 КС.

Со Golf V преправен на струја на пат околу светот 2

Дакер е првиот човек што минал низ Турција, Иран, Индија, Мијанмар, Малезија и Индонезија со автомобил што користи енергија исклучиво од батерија. Тој можеше без проблем да го надмине и актуелниот светски рекорд за најдолга тура со електричен автомобил, кој изнесува 22.000 километри.

По извозувањето низ Австралија надолж и попреку, патешествието на Нибе ќе биде многу подолго од 70.000 километри

Патешествието продолжува кон Сиднеј, но Нибе прво ќе ги мине Нуларборската рамница покрај јужниот брег на Австралија, потоа Порт Аугуста и Алис Спрингс, во срцето на континентот, Таунсвил на североистокот, Аделаида и Мелбурн на југот. Тоа ќе додаде уште многу километри во светската тура.

Со Golf V преправен на струја на пат околу светот 6

Има причина зошто Холанѓанецот ќе ја извози земјата надолж и попреку: „Австралија е најгостопримливата земја на моето досегашно патување.“ Над 350 лица му понудиле храна, логистика и струја на Нибе, претежно во поголемите градови. Само во Перт тој гостувал во 40 домови. Подршка за големата авантура ќе дадат и престојувалиштата во најосамените краишта, Абориџините и фармерите.

Холанѓанецот докажува дека секој може да даде придонес за одржливоста на животната средина

Нибе Дакер е своевиден амбасадор на електричниот погон: „Верувам дека секој може да придонесе во насока на одржливоста на животната средина.“ Тој го дава својот придонес докажувајќи дека електричните автомобили се исто толку издржливи како автомобилите кои користат фосилни горива.

Со Golf V преправен на струја на пат околу светот 4


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

141
23 shares, 141 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *