за

VW Beetle GSR: Пчеличката Маја

Со специјалната серија ограничена на 3.500 примeроци, Volkswagen се присетува на легендарниот 1303 S кој пред четири децении жареше и палеше со своите 50 КС. Овој има 210.

Volkswagen веќе го најави моделот, сега почнуваат нарачките за истиот. Спортската верзија на бубачката ќе биде достапна од наесен, по цени кои за ориентација, во Германија стартуваат од 30.300 евра. Модерната Буба има легендарен предок. Тркачкиот 1303 S, пред четириесет години беше лакиран во истата комбинација од жолта и црвена и со 50 КС беше меѓу побрзите автомобили на патот. Пчеличката Маја ќе се клонира во серија од само 3.500 примероци за цел свет.

Под хаубата работи турбобензинец од два литра со 210 КС. Забрзувањето до сто трае 7,3 секунди, а крајната брзина е 229 километри на час. Просекот според фабрика изнесува 7,3 литри. Освен мануелниот менувач со шест степени, со доплата е достапен и менувач со двојна спојка, исто така со шест степени.

Исто како кај предокот, преку предната и задната хауба се извлечени црни ленти, но за разлика од него, тука и покривот и куќиштата на ретровизорите се во контраст со главната боја на каросеријата. Над праговите се наоѓаат црни ленти со логото GSR. Кој не сака да биде толку впечатлив на улица, може да се реши за комбинација на каросерија во сива и црна боја.

Наспроти бандажите од 15 инчи кај оригиналниот GSR, новакот вози со бандажи од 19 инчи. Спортската атмосфера во кабината ја создаваат спортските седишта и кожениот волан со опшивка во жолта боја.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Германската пошта доаѓа на струја

Toyota ги прави семафорите попаметни