за

Volvo XC90 на пат да стане најпродаван голем теренец на европскиот пазар

Пазарот на големи теренци годинава е за една третина зголемен во споредба со лани, со 185.000 продадени примероци во сегментот на BMW X5 и Mercedes GLE. Првото место засега му припаѓа на баварскиот теренец, но постојат изгледи дека до завршетокот на годинава, лидерството ќе го преземе Volvo XC90. Пазарот не е помалку расположен и за помалите теренци.

Скапите и моќни теренци од ковот на Mercedes GLE, BMW X5 и Audi Q7 се во освојувачки поход на европскиот пазар. Но, еден модел се издвојува со растот во продажбата. Volvo XC90 се искачи од ланското осмо место на второто место годинава, постигнувајќи досега невиден раст во продажбата од 163%.

До септември се продадоа близу 185.000 големи теренци на европскиот пазар, што е за точно една третина повеќе во споредба со првите три квартали лани. Единствено компактните теренци од премиум сегментот годинава постигнале поголем раст на европскиот пазар, со 37 проценти. Предвидувањата се дека продажбата на овие скапи теренци до завршетокот на годинава ќе достигне 235.000 примероци. По достигнувањето на овој врв, во наредните две години ќе следи стагнација, поради намалувањето на бројот на моделски премиери.

Лидер во сегментот на големите теренци во првите девет месеци е BMW X5

Највпечатлив продажен успех во сегментот бележи Volvo XC90, кој во првите девет месеци е најпродаван модел, веднаш по лидерот BMW X5. Сосема е извесно дека шведскиот теренец во последниот квартал ќе го престигне баварскиот ривал, кој има раст во продажбата од само 1%, наспроти 163% на XC90.

https://automedia.mk/objavi/20367

Солидно се држи и Audi Q7 на третото место, пред Mercedes GLE и Range Rover Sport. Британската марка воедно го држи лидерството во сегментот на големите теренци, со трите модели Range Rover Sport, Land Rover Discovery и Range Rover во Топ 10. Позицијата на Land Rover ќе зајакнува со претстојниот старт на новата генерација на Discovery.

Во конкуренција на марки, второто место зад Британците му припаѓа на Mercedes, кој за девет месеци продаде над 38.000 возила во сегментот или за 62% повеќе отколку во истиот период лани.

Четирицилиндарски мотори го освојуваат сегментот на големите теренци

Успехот на Volvo докажува дека купувачите во овој чувствителен сегмент повеќе не реагираат толку одбивно на четирицилиндарските мотори под хаубата. Во споредба со лани, бројот на продадени теренци од овој сегмент е зголемен за 77 проценти, на близу од 43.000 возила. Оваа диета ќе го зафати и новиот Discovery којшто исто така ќе вози со четирицилиндарци. Најголемиот број модели (120.000) и натаму вози со шестцилиндарец, додека со осумцилиндарски мотор се продадени само 15.000 примероци во сегментот на големите теренци.

Не се занемарува ниту уделот на модели со хибриден погон – во комбинација со четирицилиндарски мотор, како лидерот Volvo XC90 T8 или BMW X5 xDrive 40e и Porsche Cayenne S E-Hybrid. Единствен модел со електричен погон во сегментот е Tesla Model X, со близу 2.000 продадени примероци до септември на европскиот пазар.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новото шоу на Кларксон, Хамонд и Меј со рекорд во нелегални преземања

Норвешка достигна 100.000 автомобили со електричен погон