89
458 shares, 89 points

Бројот на коњски сили или големината на бандажите однедадеж стануваат неинтересни кога на сцена стапува Volvo XC40. Во време кога во премиум сегментот доминираат германските марки, овој СУВ е толку нездодевно негермански што станува неодолив

Класичната и традиционалистичка марка Volvo функционира сосем уредно и во ерата на дигитализацијата. Всушност, шведскиве автомобили се покажуваат многу подобро од другите, на пример, во привлекувањето на вниманието на публиката. Современите електронски медиуми ја имаат таа предност што посетеноста се регистрира прецизно и верно. А, во тој поглед, Volvo буквално е магнет за публиката. Кога и да се спомне маркава од Гетеборг, објавите се издвојуваат со масовната посетеност. Каков е тој феномен што се поврзува со Volvo?

Колку модели моментно можат да се препознаат кога не им се гледаат логото и главните обележја на марката? Volvo XC40 дефинитивно е еден од ретките

New photo by Automedia MK / Google Photos

Прво, малку „анти паника“ дека Volvo навистина е класична и традиционалистичка марка. Ако некој во моментов ги урива воспоставените стереотипи, бесмислени навики и застарени размислувања, тогаш Volvo беше прв што се откажа од шестцилиндарски и осумцилиндарски мотори, прв што јасно и гласно кажа дека повеќе не настапува на големите салони на автомобили од коишто не добива пропорционална корист и прв што во своите возила нуди дигитални услуги за клиентите.

Во потрага по одговорот, зошто македонските автомобилисти посебно ја обожуваат марката Volvo

Второ, феноменот со магнетската привлечност на Volvo е од локален карактер. Македонски феномен. Пристигањето на Volvo XC40 на тест во редакцијата на Аутомедиа го искористивме како повод за конечно да го најдеме одговорот. И, го најдовме. Веројатно.

Во природна средина недопрена од човечка рака, Volvo XC40 изгледа како монолитот пред мајмунската заедница во Одисеја 2001 на Кјубрик

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во времето кога сообраќањето по македонските (и регионалните) географски ширини и должини беше привилегија за Zastava, Lada, Skoda & Co., појавувањето на автомобил од „странска“ марка по улиците не можеше да мине незабележано. Појавувањето на Volvo, уште помалку. Неговите долги и моќни каросерии, со спектакуларни детали, од типот на бришачи на светлата, речиси без исклучок носеа голема налепница со буквата S, која на опашот рамен како замрзнат Балтик како да го рефлектираше филмот за благосостојбата и спокојот на нашето иселеништво во Шведска.

Volvo беше премиум марка уште пред браншата да почне да зборува за премиум

Така се создаваше сржта на локалниот имиџ на Volvo, чист и беспрекорен – што не важи и за останатите премиум марки. Всушност, Volvo беше премиум марка уште пред браншата да почне да ги двои автомобилите според критериумот на „премиумност“. Единствено скромноста и воздржаноста, кои се цврсто вкоренети во шведската култура и општество, спречуваа овој скандинавски народ прв да почне да зборува за премиум. Германците немаше што да ги спречи.

Швеѓаните додаваат нови елементи во автомобилската приказна, покрај коњските сили и километрите на час: Се зборува за мобилни услуги, за нова улога на производителот на автомобили кон своите клиенти. Тоа се чувствува во концептот на XC40, кој штотуку почнува да ги открива своите потенцијали

New photo by Automedia MK / Google Photos

Volvo XC40, значи. Познавачите на автомобили кои наизуст ги учат каталозите и соопштенијата за медиуми, обично ќе се истрчаат да разгласат дека станува збор за прв компактен СУВ на Volvo, за прв модел на Швеѓаните кој доби титула на европски автомобил на годината, за прв модел што ја користи новата платформа CMA, развиена заеднички со кинескиот Geely, меѓу другото наменета и за новата марка Lynk & Co, дека наскоро ќе следи и нов V40 на истата платформа, дека ќе следи и плагин-хибрид, а потоа и верзија со погон на струја… тоа се муабети што последен пат беа интересни во времето кога Фердинанд Пих раководеше со Volkswagen.

Иако Швеѓаните ги има десет милиони на број, оттаму пристигаат повеќе иновации по жител отколку од САД

Секаков обид, XC40 да се опише кусо, завршува без успех. Каков е тој, дали е убав, скап, престижен, грд, малечок, висок, коцкест …? Секој обид утка. Вака е многу полесно: Volvo XC40 е различен како шведски затвор што е ограден само со грмушки, како печено јагнешко на шведска маса во Шведска, како зајдисонце што во најубаво лето во Стокхолм трае цели 1 час и 34 минути, наспроти само 30 минути во вечниот Рим.

Само скандинавските производители можат да направат едноставните форми и површини да изгледаат благородно и впечатливо, почнувајќи од мебелот, до автомобилите и архитектурата

New photo by Automedia MK / Google Photos

И уште: Volvo XC40 е различен како Биометрикс, шведска фирма специјализирана за интелигентни чип-имплантати во луѓе, коишто лифтовите на нивното работно место ги читаат автоматски, исто како и работниот компјутер или кафематот; како ресторан што се нарекува Гастролоџик и кој строго избегнува користење лимон, маслиново масло, ванила, чоколада, авокадо… од едноставна причина што тие не „растат“ во Шведска; како прво слушање на Жозефин Орн и нејзината Либерејшн.

Дали би го побарале за гледање филмот Елисиум затоа што дизајнерот Иан Кетл се инспирирал од него?

Очигледно е дека тука сé има своја причина и објаснување. Дизајнер на каросеријата е Иан Кетл, Британец, креативец кој открива дека за изгледот на Volvo XC40 се инспирирал од филмови од научната фантастика, особено од Елисиум. Тој го создавал компактниов СУВ како малечок, издржлив робот, со човечки карактеристики. Иан, инаку, не црта веднаш скица од тоа што ќе го замисли, туку почнува опишувајќи го дизајнот со зборови.

Иан Кетл го дизајнирал XC40 како компактен и издржлив робот, со човечки особини

New photo by Automedia MK / Google Photos

Место здодевен „поддизајн“ од типот на Jaguar E-Pace или претеран „наддизајн“ како кај BMW X2, Скандинавецов постигнува препознатлива, впечатлива појава, особено со храбриот детал, како што е издигнатиот долен раб во задните прозорци. Тоа ќе претставуваше дизајнерски ерес до пред само неколку години, од аспект на прегледноста, но во време на камери и сензори за рикверц, како и системи за асистенција од секаков вид, возачот воопшто не забележува дека нешто му е одземено од видното поле.

Тоа што средишниот дисплеј е таблет не значи дека возачот треба цело време да се занимава со таблетот

Ако некаде е одземано радикално, тоа е во бројот на обични прекинувачи во арматурната табла. Во тенката лајсна со прекинувачи под џиновскиот дисплеј во средишната конзола се останати само осум прекинувачи: Безбедносни трепкачи, греење на ветробранот и на задното стакло, четири аудио команди, плус прекинувач за трите програми за возење. Долу има голема отворена преграда во којашто телефонот се полни безжично, пред неа е бирачот на осумстепениот автоматик во „закржлавен“ формат, копче за електричната паркирна сопирачка, а уредните Швеѓани оставиле дури и канта за отпад, со преклоплив капак.

Тука технологијата му служи на човекот, место обратно, човекот да се претвора во опслужувач на технологијата

New photo by Automedia MK / Google Photos

Меѓу многуте широкогради потези на марката спаѓа и дигиталната табла со инструменти од 12,3 инчи, којашто следува како стандард уште во основното ниво на опрема. И по неколку години откако започна трендот, човек уште треба да биде подготвен за хорор-сцената, кога ќе го види дисплејот исклучен. Volvo-бонусот се покажува преку тоа што вградените сензори за светло совршено ја приспособуваат осветленоста на дисплејот, зависно од условите во средината. Швеѓаниве едноставно не си дозволуваат грешка или пропуст.

Не е прашањето дали само да се вгради поголем дисплеј од сите други, туку и поголем и подобар

Но, постои еден дисплеј што уште повеќе ја менува „играта“ за возачот. Исто како во поголемите серии 60 и 90, ракувањето со функциите на радиото, навигацијата, телефонот и на возилото го презема средишен дисплеј од 9 инчи. Тоа повеќе е таблет, отколку дисплеј, поставен одважно во вертикална положба. Дури и технологијата на дисплејот е различна, затоа што не станува збор за таканаречен капацитивeн панел, туку за технологија со инфрацрвени зраци, којашто точно го регистрира местото на допирање на екранското стакло. Тоа значи дека со дисплејот може да се ракува и со ракавици, исто како и преку допирање со нокот.

Логично ракување, како со таблет каков што измислиле компјутерциите, место ракување со таблет каков што го замислиле автомобилџиите

New photo by Automedia MK / Google Photos

Промената што ја носи дисплејот се состои во тоа што нема промена – во ракувањето. Досега во автомобилите мораше прво да се учи логиката на менито и секој производител користеше различна логика. По искуството со дисплејов, кој е дел од еден концепт што Volvo го нарекува Sensus, човек сваќа дека ракувањето со функциите во возилото преку дисплејот е најдобро да не се разликува од ракувањето со таблет или телефон – односно, таблет треба да функционира како таблет. Во ера кога надвор од возилото се посегнува по телефонот неколкупати на час, нормално е и во автомобилот да се примени истиот принцип на ракување. Секако, адаптиран за условите на користење во автомобилот.

Тимот на шведската марка има снимено повеќе од 180 часови интервјуа со клиенти во Пекинг, Хамбург, Лондон и Лос Анџелес

Контролите за климата постојано се прикажуваат на екранот, а со секој главен приказ следуваат уште два помошни прикази, до коишто се пристапува со класично лизгање лево или десно. За „стравот“ што го имаат некои возачи, дека повикувањето на одредени функции во текот на возењето ќе биде комплицирано или премногу опасно кога погледот треба да се тргне од патот, смирува фактот што сите потребни местења преку дисплејот се прават еднаш, пред возењето да започне. За сите потребни интервенции попат, тука се командите на воланот, исто како и говорните команди, за буквално повикување на функциите.

Само осум команди се достапни преку класични прекинувачи и контроли; Освен преку големиот дисплеј, функциите се вклучуваат и со говорни команди

New photo by Automedia MK / Google Photos

Прекинувачите на воланот се уште еден детал што Volvo го изведува различно. Тие изгледаат обично и едноставно, предимензионирано и речиси класично, а дополнително и широката рамка околу нив ја нагласува нивната различност. Но, секогаш има „но“ кај Volvo. Тука важи правилото дека функцијата ја одредува формата, а тоа значи едно: Со овие прекинувачи навистина може да се ракува наслепо, без потреба од симнување на погледот. Тоа одговара уште повеќе кога ќе се научи и логиката. Лево се командите поврзани со возењето, како што се темпоматот, контролата на растојание на радарскиот темпомат и системите за асистенција, додека десно се командите за инфо-забавниот систем, односно за радиото ,телефонот и навигацијата, како и за движење низ менито.

Нормално дека Швеѓаните први се прашаа: Зошто звучниците мора да бидат долу во вратите?

Преградите во вратите уште еднаш докажуваат дека кај шведскиве автомобили секогаш треба да се очекува нешто различно. Нема звучници долу во вратите. Инженерите на звук едноставно го следеле правилото дека тешко се лоцира изворот на ниските тонови, па „басовите“ ги преселиле директно во арматурната табла. Првпат во сериски автомобил, таблата се користи како таканаречена резонирачка звучна кутија. Бидејќи во вратите се оставени само средно и високотонските звучници, долу во преградата во вратата се ослободил простор за цел лаптоп, таблет или за дури три еднолитарски шишиња пијалок.

Хорор-сцена: Така изгледа кога ќе се исклучат „инструментите“

New photo by Automedia MK / Google Photos

Секако дека од марката чиешто име значи „се тркалам“ може да се очекува, XC40 добро да се тркала попат. Примерокот на тест вози со дволитарскиот топ-дизел со 190 КС и 400 њутнметри, секогаш во комбинација со осумстепен автоматски менувач. И токму човек да помисли дека во дизелот од генерацијата Drive-E е пропуштен Volvo-ефектот, тој се покажува повторно. Исто како што бензинците користат комбинација од натполнење со турбо и механички компресор за да понудат нешто различно и повеќе од другите, така и дизелот во верзијата D4 поседува нешто што се води како сериско-секвенцијално двостепено турбонатполнење. Во основа, тоа е турбонатполнење со „експрес-лонец“, коешто Швеѓаните го применија првпат во 2008 година.

Турбо со „експрес лонец“: Технологијата на натполнење што ја користи Volvo во D4 импресионира, и уште поважно, се чувствува кога дејствува

Принципот на работа се состои во тоа што посебен компресор го компримира воздухот што го повлекува преку филтерот за воздух во лонец со зафатнина од два литри. При побрз старт или посилно меѓузабрзување, посебен вентил се отвора во издувната гранка и дополнително го „храни“ турбото со воздух. Тоа резултира со брза и директна реакција, и најдоброто, не се сведува само на теорија, туку може и да се почувствува. Сето тоа се одвива толку спонтано и контролирано, што се стекнува впечаток како некој електромотор да се вклучува да потпомогне. Тоа трае релативно кусо, но може да се повика повторно и во секое време, затоа што системот постојано пумпа воздух во „експресот“.

Куќниот специјалист за брзини Polestar, а по ново и подмарка специјализирана за електрични модели, нуди пакет со когошто моќноста се зголемува на 200 КС и вртежниот момент на 440 Nm, но и моторот и менувачот реагираат поостро и подинамично; Плус, задната оска добива поголем дел од вртежниот момент на моторот, заради повозбудлива возна динамика. Најдоброто е тоа што Volvo има домаќинска политика на доплати, без претерување со цените

New photo by Automedia MK / Google Photos

Ако возачот на момент помисли дека погонската спрега му делува неодлучно, едно мало копче во средишната конзола може драстично да го смени впечатокот. Без спектакли и гласни најави, копчето е речиси незабележливо во лентата со прекинувачи под големиот дисплеј. Кога овој „Drive Mode“ ќе се префрли на динамична програма, следи вообичаеното сценарио со поддиректна реакција на гаста, префрлување во повисок степен при повисоки вртежи, а дополнително и со ослабнување на сервоподдршката во управувањето. Чисто како забелешка, колку да не помисли човек дека Volvo пропушта нешто што останатите модели го имаат. Стандардно во Momentum, првото ниво на опрема со коешто е достапен XC40.

Посебно прецизна контрола на прскалките за секој цилиндар посебно обезбедува мошне смирена работа; тоа влијае и врз трајноста на моторот

Постои причина и за впечатлчиво смирената работа на дизелот, кој има голем број „заеднички особини“ со бензинецот, вклучувајќи го пречникот и одот на клиповите, а со тоа и работната зафатнина, исто како и растојанието меѓу цилиндрите. Volvo ја нарекува својата дизел-технологија i-Art, со притисок на впрскување до 2.500 бари, со до 9 впрскувања на гориво по работен циклус, но најважното, со посебна контрола на прскалките за секој цилиндар. На тој начин се постигнува совршен баланс, односно притисокот во сите цилиндри е речиси идентичен. D4, наспроти послабите верзии D3 и D2, дополнително поседува и балансирачко вратило, како и посебно разладувани компресиски клипни прстени. Од тоа постои само уште еден степен погоре, а тоа е D5 со 235 КС, за моделите од сериите 60 и 90.

Секој детал има своја приказна: Стилот на маската, на пример, потсеќа на водопад

New photo by Automedia MK / Google Photos

Осумстепениот автоматик со класичен претворач на вртежен момент не се мачи премногу ревносно да изведе промена на степен во шампионски манир, за рекордно кусо време и неколку мигови пред возачот да помисли дека е потребно автоматикот да реагира, барем додека не се посегне по прекинувачот за програми за возење. Тоа можеби нема да му донесе победа на Volvo XC40 на споредбен тест против германските конкуренти, но од друга страна, секогаш е тука прашањето за возачот: Кога тој последен пат возел како на тркачка патека и му била важна секоја десетинка со автомобилот со когошто наутро ги вози децата до градинка?

Сакате погонската спрега да реагира поостро и подвозјето да минува помеко преку грубите нерамнини? Нема проблем, со посебни опции им се излегува во пресрет и на најчувствителните клиенти, без политика на принуда; опциите се нудат по неверојатно достапни цени – за премиум стандарди

Точно е и тоа дека амортизацијата реагира малку потврдо на нерамнините во подлогата. Тоа сепак нема да вознемири никого посебно, затоа што ударите од подлогата не се претвораат во тресење на каросеријата или непријатно одѕвонување во кабината. Од друга страна, како традиционални перфекционисти, Скандинавците нудат решение за секоја забелешка: Кој сака уште поостра реакција од моторот и менувачот, со моќност зголемена на 200 КС и вртежен момент од 440 Nm, вклучувајќи и поголема распределба на вртежниот момент кон задната оска, заради повозбудлива возна динамика, може да го избере пакетот Polestar Performance, кој според шведскиот ценовник чини околу 1.000 евра; За подвозјето, на располагање стои приспособлива амортизација Four C, која дополнително располага и со програма за теренско возење, и исто така чини фантастично разумни 850 евра според шведскиот ценовник.

Покрај Momentum, кој е второ ниво на опрема, на располагање стојат уште спортското R-Design, како и благородното ниво Inscription. Опременоста со диодни светла, дигитални инструменти и средишен дисплеј од 9 инчи не остава многу простор за дополнителни желби

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во рамките на продажната акција што се води како „Премиерна понуда“, новиот увозник Премиум АГС ја нуди моделската верзија XC40 D4 Momentum за 46.190 евра. Примерокот на тест дополнително поседуваше уште неколку екстра ставки, што е вообичаено за демо-возило кое треба да ги прикаже сите можности на моделот.

Наскоро пристига изведба со плагин-хибриден погон, а тоа значи ослободување од плаќање акциза во висина од најмалку пет-шест илјади евра

Топ-дизелот во гамата на „40“ е повеќе класичен избор, отколку мотор што го оддава вистинскиот дух на марката и на . Ова е сепак автомобилот што наскоро ќе почне да вози во изведба со плагин-хибриден погон, во комбинација со 1,5-литарски бензинец и електромотор. Тоа значи дека Volvo XC40 наскоро ќе ужива во привилегијата да биде ослободен од акциза, што значи најмалку пет-шест илјади евра помалку оптоварување на крајната цена. Уште порадикално, истиот овој XC40 годинава ќе почне да вози и во изведба со погон само на батерија. Во меѓувреме, стартот е со XC40 T3 со 1,5-литарски трицилиндарец и 150 КС, по цена од 32.190 евра. Сé повеќе купувачи во овој сегмент се откажуваат од дизелот, затоа што повеќе не ја гледаат заштедата или се уморни да купуваат автомобил од когошто поголема корист ќе има дури следниот сопственик.

Калта на гумите и по каросеријата е само сведоштво дека автомобилите на Volvo не се бројуваат меѓу „нежните“. Прашање е дали ова воопшто може да се нарекува тест: Доколку истиов автомобил се вози во исти услови и со иста динамика по 20 или 30 години, тоа би бил вистинскиот тест за Volvo. Вака е само лесен џогинг

New photo by Automedia MK / Google Photos

Постепено се разјаснува колку овој Volvo ги менува правилата на игра. Тука не станува збор за коњски сили, забрзување, потрошувачка, магленки и бандажи од 21 инчи, покрив во црна или бела боја. Швеѓаните произведоа автомобил за третата декада од овој милениум, таков што поседува квалитети да се окарактеризира како автомобил за по 2020 година. Радарски темпомат, самостојно запирање пред ирвас или лос, маска што изгледа како стилизиран водопад? Volvo направи и овие аргументи да станат ирелевантни.

На „дневен ред“ во Volvo XC40 е можноста возилото да му се отстапи за користење на роднина или пријател без потреба од физичка средба со сопственикот, само преку мобилна апликација. Во Шведска, Норвешка и Швајцарија е актуелна и доставата на производи нарачани преку интернет директно во багажникот на возилото, што исто така се одвива по пат на мобилна аплиакција. Автомобилот поседува и функција на секретарка, со таа можност што податоците за закажаниот состанок од мобилниот телефон автоматски се пренесуваат во навигацијата на возилото. На тоа следи и нов кориснички пакет, кој за одреден месечен надомест вклучува преземање на возилото на сервис, полнење гориво, миење на возилото…

Кој уште зборува за коњски сили или бандажи? Среќна Нова 2019 Година!!!
New photo by Automedia MK / Google Photos
Конкуренти на Volvo XC40 D4
  • Audi Q3 40 TDI
  • BMW X1 xDrive20d
  • Jaguar E-Pace D180 AWD Automatic
  • Mercedes GLA 220d 4Matic 7G-DCT
  • Range Rover Evoque Td4 Automatic

Технички податоци · Volvo XC40 D4 AWD

Мотор 4 цилиндри во линија, твин-турбо, дизел, вграден надолжно, 1969 ccm, пречник х од 82,0 х 93,2 mm, блок и глава на мотор од алуминиум, компресија 1,8:1, 4 вентили по цилиндар, 2 брегасти вратила, моќност 140 kW (190 КС) при 4000/min, вртежен момент 400 Nm од 1750-2500/min Погон и пренос Автоматски погон на сите тркала, автоматски менувач со осум степени Подвозје Напред мекферсон, назад независна оска, круг на вртење меѓу тротоари 11,4 m, сопирачки дискови напред 345 mm, назад 302 mm Димензии и тежини Д х Ш х В 442,5 х 186,3 х 165,2 cm, меѓуоскино растојание 270,2 cm, ширина на трага на тркала напред / назад 160,1 / 162,6 cm, длабочина на понирање во вода 45 cm, најмало растојание од подлога 21,1 cm, празно возило 1568 – 1735 kg, резервоар 54 l, резервоар за AdBlue 14,5 L, приколка 1600 – 2100 kg, агол на пристап/излез 21,7/30,4 степени, агол на рампа 21,9 степени, коефициент на отпор на воздух 0,34 – 0,37, багажник 460 / 1336 L Перформанси 0-100 km/h за 7,9 s, крајна брзина 210 km/h Потрошувачка на гориво (според WLTP, бавно-брзо) 6,4 – 7,1 L/100 km, Eмисија на СО2 166 – 185 g/km

New photo by Automedia MK / Google Photos

Сериска опременост · Volvo XC40 D4 AWD Momentum

Извод на поважните ставки во опремата: Самостојно запирање при опасност од удар во возило, пешак, велосипедист, дивеч на пат и пред крстосница, следење лента со активен зафат во управувањето, камера за сообраќајни знаци, копче за старт, диодни светла со автоматика за долго светло, електрична паркирна сопирачка, сензор за дожд, говорни команди за клима, за телефон и за радио, дигитална табла со инструменти од 12,3 инчи, инфо-забавен систем со средишен диспллеј од 9 инчи, 8 звучници, блутут, аудио-стриминг, пристап на интернет преку мобилен телефон, мобилни апликации и говорни команди, автоматски клима уред, кожа на волан и на рачка на менувач, потпирач за рака напред, мултифункциски волан, електрично собирање на ретровизори, алуминиумски кровни носачи за багаж, предна маска во мат црна боја со хромирана рамка, алу-бандажи од 18 инчи и гуми 235/55, канта за отпадоци, алуминиумски украсни лајсни, кука во касета пред совозач, бирач на програми за возење (со влијание врз мотор, менувач, управување и сопирачки), паркинг сензори назад, амбиентално осветлување, оптичка заштита на подвозје во сребрена боја

Volvo стартува со акциска понуда за своите теренски модели

Јапонија го избра Volvo XC40 за најдобар автомобил на годината

Volvo ги остави колите „дома“ за салонот во Лос Анџелес

Премиум АГС е нов застапник на Volvo во Македонија


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

89
458 shares, 89 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Choose A Format
Personality quiz
Series of questions that intends to reveal something about the personality
Trivia quiz
Series of questions with right and wrong answers that intends to check knowledge
Poll
Voting to make decisions or determine opinions
Story
Formatted Text with Embeds and Visuals
List
The Classic Internet Listicles
Countdown
The Classic Internet Countdowns
Open List
Submit your own item and vote up for the best submission
Ranked List
Upvote or downvote to decide the best list item
Meme
Upload your own images to make custom memes
Video
Youtube, Vimeo or Vine Embeds
Audio
Soundcloud or Mixcloud Embeds
Image
Photo or GIF
Gif
GIF format

Notice: ob_end_flush(): failed to send buffer of zlib output compression (0) in /home/automedi/public_html/wp-includes/functions.php on line 3813