за

Од комби-мајстор до специјалист за СУВ: Volvo заведува со 90-60-40

Volvo XC 40, 60, 90

Пропорции 90-60-40 тешко дека може да послужат како нов стандард за убавина, но оваа комбинација од бројки минува одлично кај Volvo. Со комплетна серија теренски модели XC 40, 60 и 90, шведската марка им се попречува на многубројните намерници за врвот во СУВ-сегментот

Комбинацијата 90-60-40 се чини особено привлечна кога станува збор за Volvo. Особено ефикасна, исто така. Денес само малкумина го поврзуваат имиџот на Volvo со коцкастите и неуништливи модели со комби-каросерија. Шведската марка денес зрачи имиџ на производител на солидни СУВ-модели, со убедлив печат на премиум марка.

Оваа коренита промена секако дека не заврши преку ноќ. Приказната за XC започнува во 1997 година, со Volvo V70 XC. Автомобилот одвај може да се води како кросовер или СУВ, затоа што во основата е само комби(!) со зголемено растојание од подлогата и со облоги што би требало да штитат при теренски излети. Но, тоа што следи е вистински СУВ, во времето кога останатите уште ја совладуваат „вештината“. Во 2002 година пристига XC90. Оттогаш, Volvo престанува да биде комби-марка, станува СУВ-марка. Моделите со предзнак XC денес учествуваат со повеќе од половина во продажбата на Volvo на глобално ниво. Трендот покажува угоре.

Volvo XC40-60-90 9

Имиџот на Volvo како СУВ-марка се зацементира со серијата XC60 во 2008 година. Моделот имаше толку силно пазарно присуство, што многумина уште немаат дознаено дека постојат и модели како Audi Q5 или некој Lexus. По шест години од премиерата, XC60 го запоседна престолот и до 2016 година беше најпродаван СУВ на европскиот пазар. Новата генерација на Volvo XC60 веќе одамна ги гази и асфалтот и теренот, Швеѓаните немаат причина да негодуваат.

Volvo XC 40 може уште годинава да го презеде бестселерското место од XC 60

Во меѓувреме, еден друг модел почнува да го привлекува вниманието на возачите. Од март годинава, XC40 сака да го презеде лидерството од поголемиот брат. Тој е прв модел на Volvo што ја освои титулата на автомобил на годината во Европа, и тоа уште пред официјалниот почеток на продажбата. До крајот на годинава, има шанси XC40 да го престигне XC60 на главните пазари низ Европа.

Продажбата уште толку ќе зема залет во следните месеци, затоа што во понудата пристигнаа поевтините моделски изведби. Покрај двата дизел-модела D3 и D4, соодветно со 150 и 190 КС, како и топ-бензинецот T5 со погон на сите тркала и со 247 КС, во понудата сега се наоѓа и основниот турбо-бензинец со 156 КС. Тоа е прв трицилиндарец од сопствен развој на Volvo. Оваа моделска верзија е достапна само со преден погон и мануелен менувач, но токму тоа му ја зголемува „привлечноста“.

Volvo XC40-60-90 7

Со 286 њутнметри коишто стојат на располагање уште при 1.850 вртежи, турбо-бензинецот се соочува со тежина од 1645 килограми. Според новата „светска“ норма, далеку пореална од досега, потрошувачката изнесува 6,4 литри. Уште еден бензинец во понудата е T4 со 190 КС и осумстепен автоматик, со можност за избор на верзија со погон на сите тркала.

Швеѓаните во исто време со воведувањето на новите основни мотори го дополнија и врвот на понудата. Компактниот СУВ сега е достапен со луксузното ниво Inscription, коешто за разлика од досегашното топ-ниво R-Design може да се комбинира со било кој мотор. Опремата вклучува кожени седишта и грејачи, рачка на менувачот од „орефорс“ кристално стакло и амбиентално осветлување. Оваа верзија се разпознава по маската во сјајна црна боја, диодните светла и хромираните издувни цевки.

Се интервенираше и кај СУВ-бестселерот XC60. Нов основен мотор е D3 со 150 КС, шестстепен мануелен менувач и преден погон. Во истата погонска конфигурација отсега е достапен и D4 со 190 КС. Автоматски менувач со осум степен следува со доплата. Кај бензинците, основата сега ја сочинува T5 со преден погон, автоматик и 250 КС.

[FAG id=34979]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes GLE

Mercedes GLE ќе го прави шоуто на салонот во Париз

Renault Kadjar

Освежување за Renault Kadjar по половина милион продажби