за ,

Volvo Venus Bilo: Римската божица на љубовта што исчезна со девет куфери

Во 1933 година Volvo се зафати со римската божица на љубовта. Volvo Venus Bilo заедно со 9-те куфери се изработени во само по еден примерок и до ден денес никој не може да ги пронајде.

Дури и самото име на овој автомобил е необично. Venus Bilo. Некои можеби имаат слушнато и за Венера од Милос или Афродита од Милос, но ова што Volvo го направи во 1933 година е некој чуден уникат во шведско-римски стил, блиску до тоа што денес го нарекуваме концептен автомобил за покажување на авто-салони. Токму така, Venus Bilo се води како прв концептен автомобил на шведската марка. Тој е изработен врз шасијата PV655, со каросерија дизајнирана од Густав Ериксон, кој настојувал да постигне аеродинамична форма на возилото. Резултатот не ја поседува убавината на римската или грчката божица во раните зори, но барем обидот заслужува внимание.

Volvo Venus Bilo беше тест како публиката ќе реагира на возило со аеродинамична каросерија
Volvo Venus Bilo беше тест како публиката ќе реагира на возило со аеродинамична каросерија

Во тие времиња, шведската марка Volvo уште беше во своите почетоци, во шестата година од основањето, и тешко успеваше да создаде елегантни форми за своите автомобили. PV655 беше обична шасија со 3,4 литарски мотор со 65 КС и им се нудеше на каросериските работилници за специјални изработки. Од шасијата се изработија само 62 примероци, а Venus Bilo остана на само еден примерок, за да се провери како публиката ќе реагира на возило со аеродинамична форма на каросеријата. Неколку години подоцна, Volvo навистина понуди автомобил со ваква каросерија, PV36 Carioca, но успехот изостана.

Тоа што е особено необично кај Venus Bilo е комплетот од 9 куфери, скроени по мера, за целиот простор во багажникот да може да се искористи правилно. Швеѓаните го нарекуваа тоа „персонален луксуз“. Девет куфери за четири патници навистина е луксуз.

Судбината на овој уникатен и бесценет автомобил за жал е непозната. Последните траги не навестуваат добри вести. Во 1950 година, Venus Bilo се нашол кај сопственик на отпад во Данска, кој по неколку години решил да го претвори автомобилот во пикап. Последен пат, Venus е видена во 1956 година. Потоа се губат секакви траги.

volvo koncept 1933 (1)

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Британците го сметаат Jaguar Land Rover за најдобар работодавец во земјата

Подарок за 130-от роденден на автомобилот: Mercedes-AMG S 63 Cabrio Edition 130