за

Volvo V90 Cross Country пристига во средината на септември

Шведската марка се гледа себеси како основоположник на теренските комби-модели и ја најавува премиерата на новата генерација на V90 Cross Country за средината на месецов. Првото комби на Volvo способно да се пробива по теренот се појави пред 20 години – повод за кусо потсетување на историјата на овие модели.

Теренската верзија на комбито V90 е следниот модел што чека подготвен на лансирната рампа на Volvo, со премиера закажана за средината на септември. Авантуристички расположените купувачи реагираа позитивно кога Volvo го претстави првиот модел Cross Country во 1996 година и оттогаш оваа моделска ознака за многумина е синоним за шведската марка. Со новиот модел, Volvo настојува да ја зацврсти позицијата на лидер во сегментот на големите комби-модели, коишто се способни за пробивање по теренот, но го задржуваат лимузинскиот комфор во возењето.

„Cross Country беше победнички концепт уште од почеток, совршен за суровите климатски и патни услови коишто владеат во Шведска“

Хакан Самуелсон, претседател на групацијата Volvo

Volvo V90 Cross Country е третиот и последен член во моделското семејство „90“, покрај лимузината S90 и комбито V90. Конструирани за екстремната скандинавска клима, моделите Cross Country ги совладуваат сите услови на патот, од каллива подлога и снег длабок до колена, до долги етапи по автопат. Најголемиот дел од купувачите се сопственици на расни коњи или глисери и ги ценат „CC“ поради големото растојание од подлогата, моќните мотори и способниот погон на сите тркала, избирајќи ги како алтернатива на спортските теренци.

 

Прва генерација, 1997 – 2000

Развиен како алтернатива на спортските теренци, V70 XC како прв Cross Country на Volvo го привлече вниманието на ентузијастите на погонот на сите тркала, откако традиционалните теренци почнаа масовно да се претвораат во урбани шминкери. Volvo V70 XC понуди спој на пристојни теренски својства со комфор и практичност на стандардно комби и постигна впечатлив успех, особено на северноамериканскиот пазар.

Втора генерација, 2000 – 2007

Во 2000 година, Volvo ја претстави втората генерација на V70 XC, со поубедлив стилски настап и уште поголемо растојание од подлогата. Две години подоцна следеше и првиот спортски теренец XC90, со нов и поспособен погон на сите тркала, по што и V70 XC го смени името во XC70, за да укаже на сродноста со големиот брат.

Трета генерација, 2007 – 2016

Третата генерација на Volvo Cross Country пристигна во 2007 година, овојпат посветена повеќе на елеганцијата и луксузот. Половината од вкупната продукција на XC70 се продаде на северноамериканскиот пазар. Во 2014 година, XC70 стана службен автомобил на Златан Ибрахимовиќ, што придонесе моделот да стекне светска слава преку шведската фудбалска ѕвезда. Тоа даде поттик на продажбата, којашто забележа раст во последната година од производството на овој модел.

 

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот Volkswagen Crafter претставен во Офенбах

Добри тонови за дизелот: Оревокршачот со овој додаток звучи како спортски V8