за

Volvo S90: Сега и лимузините на Швеѓаните удираат со чеканот на Тор

Конкуренцијата уште нема заздравено од ударот што Volvo го предизвика со луксузниот кросовер XC90, а Швеѓаните веќе го започнуваат следниот напад. На салонот во Детроит пристига новата луксузна лимузина S90.

Volvo предизвика загриженост на главните играчи во сегментот на престижните кросовери на Porsche, Mercedes, BMW и Audi откако стартуваше со продажбата на XC90. Швеѓаните сега ќе докажат дека можат да им се спротивстават и на реномираните лимузински модели на премиум марките. Не претставува изненадување тоа што и новиот Volvo S90 ја следи визуелната шема на кросоверот XC90, со светла во кои се наѕира чеканот на Тор и со доминантна маска што гордо исправена се повикува на традиционалните вредности на шведската марка.

Location Profile Left Volvo S90 Mussel Blue 2Долгото меѓуоскино растојание ја нагласува елеганцијата на страничната силуета на лимузината, заедно со строгиот раб по целата должина на каросеријата, а за првпат од воведувањето на новиот дизајнерски говор на Volvo се покажува и правецот што ќе го следат идните лимузински модели на куќата. Дизајнот на опашот отпрвин ќе предизвикува мала забуна, затоа што во него не можат да се најдат карактеристичните црти на претходниците, но од друга страна, зарем досега воопшто постоеше некаква дизајнерска препознатливост во овој дел?

Техниката на S90 потекнува од големиот кросовер XC90

Од друга страна, ако единаесет милијарди американски долари инвестирани во минатите пет години можат да се преточат во дизајн, тогаш и XC90 и сега S90 изгледаат навистина како „милијарда долари“. Во поглед на техничката платформа и моторите е исто како со дизајнот. Новиот S90 ја користи техниката од големиот кросовер, а тоа значи дека се вградуваат само четирицилиндарски мотори, како во дизелската, така и во бензинската понуда. Тоа што конкуренцијата го постигнува само со големи шест или осумцилиндарски мотори, на Volvo му успева со различни степени на турбо или компресорско натполнење – или со придружба од електромотор.

Thor's Hammer Headlight Volvo S90 Mussel BlueТоп-модел е Volvo S90 T8 Hybrid, со дволитарски бензинец со 320 КС и електромотор со 88 КС, вклучувајќи и погон на сите тркала. Само основните верзии се нудат во верзија со погон напред, додека за помоќните верзии стои на располагање и погон на сите тркала. Најголема продажба во Европа се очекува од моделската изведба S90 D5 AWD, со дволитарски дизел со 225 КС и вртежен момент од 470 њутнметри.

Швеѓаните веруваат дека имаат постигнато огромен напредок во поглед на чувството во возење кај новата лимузина, со интервенции што влијаат врз прецизноста, контролата и комфорот. Добро е ако ова самоубедување не се базира врз системите за асистенција или системите за автономно возење, за кое што возачите уште не покажуваат еуфорија каква што посакуваат производителите. Новиот Volvo S90 во тој поглед располага со систем за „полуавтоматско“ возење, кој самостојно го коригира правецот и го следи патот до брзина од 130 километри на час, без потреба да се ориентира според возилата напред. Како возило што потекнува од земјата на „еленскиот тест“, Volvo S90 за првпат може успешно да распознава животни на патот и покрај патот, не само дење, туку и ноќе. Преку предупредувања и зафати во сопирачките може да се намалат последиците од судир со ирваси, коњи или крави, па и целосно да се избегнат. Кенгури исто така.

Внатрешноста повторно ја открива сличноста со големиот кросовер XC90, со кокпит со анимирани дигитални инструменти и со огромен дисплеј на допир во средишната конзола, преку кого се пристапува до сите функции на возилото и се намалува бројот на прекинувачи во арматурната табла.

Премиерата на новата лимузина на Volvo е закажана за салонот во Детроит, во јануари.

Технички податоци · Volvo S90 T8 AWD

Мотор 4 цилиндри, бензин, тубокомпресор и механички компресор, 1969 ccm, пречник х од 82,0 x 93,2 mm, компресија 10,3:1, моќност 320 КС при 5700/min, вртежен момент 400 Nm при 2200-5400/min; Електромотор со моќност од 87 КС, капацитет на батерии 9,2 kWh; Системска моќност 407 КС, системски вртежен момент 640 Nm Погон и пренос Предна оска со погон од мотор, задна оска со погон од електромотор, осумстепен автоматски менувач Подвозје Напред двојни триаголни водилки, спирални пружини, стабилизатор, назад интегрална оска со композитни листести пружини, стабилизатор, опционално пневматска амортизација Димензии и тежини Должина х ширина х висина 4963 х 1890 х 1443 mm, меѓуоскино растојание 2941 mm, резервоар 50 L, багажник 500 L Перформанси Уште не се објавени Потрошувачка (норма за хибридни возила) 1,9 L/100 km Автономија при погон на струја >45 km Времетраење на полнење на батерии (16А/10А/6А, 240 V) 2,5/3,5/6,0 h

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Следната генерација на Mercedes E-Class уловена на тестирање

Toyota има еден милион хибридни автомобили низ Европа