155
20 shares, 155 points

Volvo денес го одбележа пуштањето во работа на новата монтажна линија за батерии за електрични автомобили во фабриката во Гент, Белгија. Таму наскоро ќе стартува и производството на првиот целосно електричен автомобил на шведската марка, XC40 Recharge P8.

Пуштањето во погон на новата линија за монтажа на батерии во белгиската фабрика е уште еден доказ за напредокот на Volvo, во воведувањето на електричниот погон во своите модели, но и за преземањето конкретни мерки во согласност со глобалната стратегија против климатските промени. Целта на Volvo е емисијата на СО2 до 2025 година, на ниво на целото делување на компанијата, да ја смали за 40% во споредба со 2018 година. Потоа ќе следи и постигнувањето на целосна неутралност во поглед на емисијата на стакленичкиот гас до 2040 година.

Во следните пет години, Volvo секоја година ќе лансира по еден целосно електричен автомобил. Планот е половина од продажбата во 2025 година да отпаѓа на електрични автомобили, додека преостанатата половина ќе им припаѓа на плагин-хибридите. Сите модели на Volvo со приклучок за полнење струја ќе ја носат ознаката Recharge.

Volvo_XC40_Recharge_P8_AWD
Volvo_XC40_Recharge_P8_AWD

Монтажата на батерии ќе стане важен дел од производствениот синџир на Volvo во светски рамки. Искуствата од фабриката во Гент ќе се користат за оптимизација и зголемување на ефикасноста во останатите фабрики.

Шведската марка неодамна објави дека планира изградба на погон за монтажа на батерии во рамките на својата фабрика во САД, во близина на Чарлстон, Јужна Каролина. Стартот на изградбата се очекува наесен.

Електрични возила ќе се произведуваат и во фабриката на Volvo во Лукијао, Кина, кадешто модели базирани врз платформата CMA се произведуваат паралелно со автомобилите со сродна техника од сестринските марки Polestar и Lynk.

Volvo лани потпиша договор за долгорочно снабдување со два водечки производители на батерии, кинескиот CATL и јужнокорејскиот LG Chem. Со договорот се предвидува испорака на батерии во следната деценија за следната генерација модели на Volvo и Polestar, вклучувајќи го XC40 Recharge P8.

Фабриката во Гент произведува модели на Volvo уште од 1965 година и моментно вработува околу 6.500 лица.

XC40 Recharge P8 е прв во семејството целосно електрични модели на Volvo. Во компактниот СУВ ќе се вградува и комплетно нов инфо-забавен систем, кој работи на Android.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

155
20 shares, 155 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *